Додека прехрамбените и останатите намирници исчезнуваат со голема брзина од полиците во италијанските супермаркети, излогот на историската слаткара „Манџини“ во Џенова го красат нови колачиња во облик на коронавирусот.
Како што пренесува "La Voce di Genova", колачињата во облик на коронавирусот се нудат во комбинација со кафе за само евро и пол, односно околу 90 денари.
Иако многу луѓе сметаат дека ова е невкусна шега, сопственикот на слаткарата Џакомо Росињоти вели дека сепак треба луѓето да се пошегуваат и за време на новонастанатиот феномен кој ги одвел сите во параноја.
Тој верува дека на овој начин може да ги поттикне луѓето да гледаат на работите позитивно затоа што сите на крајот ќе завршат со - консумирање на храна. Поради тоа, истакна дека додал арома на цвет на портокал затоа што тоа симболизирало надеж.
Џакомо вели дека се надева дека граѓаните наскоро ќе се вратат на своите вообичаени активности и секојдневие, додавајќи дека во центарот на италијанскиот град во последните денови имало околу 30% помалку купувачи.