На повидок уште една рецесија?

Точка

26/02/2020

16:01

3.887

Големина на фонт

а а а

Економијата на Италија потонала за 0,3 проценти во последниот квартал од 2019-та година, што е најголем пад забележан последните шест години.

Голем број на економисти веруваат дека земјата била на раб на рецесија и пред избивањето на коронавирусот, кој дополнително ја ослабел. 

По светската финансиска криза од 2008-ма година, БДП-то на Италија се намалило за девет проценти и од тогаш има потешкотии на економското поле.

Лоренцо Кодоњо, поранешен главен економист на италијанскиот трезор, предвидува пад на БДП-то од меѓу 0,5 и 1 процент во првото тримесечје, со што Италија би можела да влезе во четвртата рецесија од 2008-ма година.

"Првото влијание ќе се одрази на туризмот и малопродажбата бидејќи луѓето ќе остануваат дома и ќе ги откажуваат хотелските резервации", вели и додава дека подоцнежното влијание уште појако ќе ги погоди компаниите низ пореметувања во ланците за снабдување.

Лаура Кастели, заменик министер за финансии рекла дека ЕУ би требало да биде подготвена да понуди финансиска помош на Италија доколку таа биде значајно ослабена од коронавирусот.

Училиштата, универзитетите, спортските настани, како и последните денови од карневалот во Венеција се откажани, а голем број на работници добиле наредба да останат дома за да помогнат во спречување на ширењето на коронавирусот.

"Постојат средства кои Европската унија би можела да ни ги пружи, а кои се поврзани со настани кои би можеле значајно да влијаат на БДП-то на земјата", рекла Кастели.

"Се надеваме дека нема да ни биде потребна помош, но ова е ситуација во која ЕУ мора да делува доколку биде неопходно", заклучила таа.



Спонзорирани линкови

Маркетинг