(Видео) Обвинетите за организација на крвавиот четврток во судот рекоа дека ќе докажат оти не се виновни

Макфакс

26/02/2020

13:11

1.472

Големина на фонт

а а а

Заврши главната расправа за организација на насилствата на 27 април. За случајот обвинети се поранешниот собраниски спикер Трајко Вељаноски, поранешните министри за транспорт и врски и за труд и социјална политика Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, како и ексдиректорот на УБК, Владимир Атанасовски.

Тие се товарат за кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.

Вељаноски пред судот рече дека не се чувствува виновен по обвинението и дека ќе го докаже тоа во текот на постапката. Тој коментираше дека ова е класичен политички прогон за да се влијае врз пратениците за уставните измени.

„Го разбрав обвинението, но разбрав дека обвинителството дека нема докази и дека ова е класичен политички прогон по нарачка на функционерите од извршната власт, со цел да се влијае врз пратениците за уставните измени. За сево ова има докази, а во најскоро време и јавноста ќе ги дознае. Не се чувствувам ни најмалку виновен“, рече Вељаноски.

Јанакиески рече дека невиноста ќе ја докажел низ постапката, а Атанасовски кратко кажа дека не се чувствува виновен.

Обвинителката Вилма Русковска, која го води случајот, пак, рече дека ќе докаже оти обвинетите изготвиле план за да го загрозат уставниот поредок и безбедноста и да спречат мирно предавање на власта.

Според неа, тие биле коцките од мозаикот, а нивните услогласени дејствија придонеле тој да функционира.

Според обвинението, Јанакиески и Ристовски го мобилизирале и координирале членството на ВМРО-ДПМНЕ, а експретседателот на Собранието, Вељаноски, спречувал да се избере нов претседател на Собранието од новото парламентарно мнозинство во 2017 година.

Ексдиректорот на УБК, Атанасовски, бил задолжен да ги мобилизира членовите на патриотските здруженија, но и за издавање наредба да се извадат хард-дисковите од Собранието, каде што биле складирани снимки од насилниот настан.

Вељаноски како претседател на Собранието знаел дека се планира упад во Собранието и бил во постојана комуникација со Груевски кого го известувал што се случува.

Во обвинението, кој советот за оценка на обвинителен акт го прифати минатиот месец, пишува и дека по секоја цена требало да се спречи мирно предавање на власта со избор на претседател на Собранието.

Обвинителниот акт се темели на наредби за претрес во домови на обвинетите, одземени предмети, вештачење на мобилните телефони, фотографии и видеа, како и листинзи од мобилните оператори, кои покажуваат со кого разговарале обвинетите пред и за време на крвавите инциденти во Собранието.



Спонзорирани линкови

Маркетинг