Првиот Хрват кај кого беше потврдена инфекција со коронавирус е вработен во технолошката компанија „Ериксон Никола Тесла“ и бил на работа во петокот, пишува порталот „Индекс“.
Во Милано тој бил на фудбалски натпревар на Лигата на шампионите помеѓу Аталанта и Валенсија. Девојката со која бил во Милано сè уште не е тестирана на вирусот.
Двајцата во Милано престојувале од 19 до 21 февруари.
По враќањето, тој бил на работа во петокот и чувствувал одредени симптоми, но ги препишал на настинка или грип.
„Вработениот во петокот беше на работното место во Загреб. Според нашите информации, во неделата тој бил примен во болница, а дополнително е утврдено присуството на коронавирусот“, велат од компанијата.
Додаваат дека повеле постапка за дејствување предвидено во кризни ситуации и се во директен контакт со службите.
Девојката и сите други со кои бил во контакт ќе бидат тестирани.
Првиот коронавирус во Хрватска беше утврден денеска.