Во Христијанско-демократската унија во тек е жестока битка за местото лидер на партијата. За лидер, а можеби и иден канцелар на Германија се борат Армин Лашет, Фридрих Мерц и Норберт Ретген.
Премиерот на покраината Северна Рајна-Вестфалија, Лашет денес најави дека е подготвен на конгресот на партијата на 25-ти април, да се кандидира за шеф на "CDU".
После неодамнешната најава на Анегрет Крамп-Карембауер дека се повлекува од местото лидер на партијата и дека нема да се кандидира за канцеларка на Германија, започна борбата за „тронот“ која може да биде и погубна и да ја подели партијата која владее со Германија.
Во својата најава, Армин Лашет остро го критикуваше конкурентот Фридрих Мерц, истакнувајќи дека жали што сите кандидати за лидери на партијата не размислуваат тимски.
Лашет сака пред се за "CDU" да ги придобие гласачите на „центарот“ и додаде дека е важно гласачите да ги поврзе со партијата. Министерот за здравство, Јенс Шпан на заедничката конференција истакна дека се откажува од кандидатурата во корист на Лашет кој ја има неговата поддршка.
„Јасно е дека само тој може да биде шеф на партијата. Затоа не се кандидирам. "CDU" е поголема од секој поединец“, изјави Шпан кој додаде дека партијата се наоѓа во најголема криза во нејзината историја и станува збор за криза на доверба.
Шпан изјави дека Лашет во својата покраина покажал дека може да ги зближи конзервативците, социјалистите и либералите. Лашет и Шпан се обиделе дури и да го придобијат Мерц, меѓутоа тој го одби тоа и порача: „Јас сум за обнова и нова CDU“.
Додека во трката се вклучи и Норберт Ретген, Мерц порача дека на минатите избори во партијата освоил 48% од гласовите и порача дека Германија мора да биде во состојба да ги одбрани своите граници.