Славниот тенор досега ги негирал обвиненијата: "Искрено ми е жал, прифаќам одговорност"

Точка

25/02/2020

15:06

1.714

Големина на фонт

а а а

Познатиот шпански тенор Пласидо Доминго, кој во САД околу 20 жени го обвиниле за сексуално вознемирување, денес им се извинил на жртвите наведувајќи дека му е "искрено жал за нанесеното патење".

"Сакам тие да знаат дека ми е искрено жал за патењето што им го нанесов. Прифаќам целосна одговорност за своите дела", рекол Доминго, кој досега цврсто ги негирал обвиненијата. 

Американската агенција AP во август пренела дека девет жени рекле дека оперскиот пејач сексуално ги злоставувал во 80-тите години. Неколку жени го обвиниле славниот Доминго за обиди да ги натера на сексуални односи нудејќи им улоги.

Исто така, некои жени навеле дека поради непримерните коментари на Доминго се чувствувале непријатно, а неколку луѓе од светот на операта рекле дека биле сведоци на непримерно однесување на славниот пејач кон помлади жени.

Доминго во октомври ја напуштил управата на Операта во Лос Анџелес, на чие чело бил од 2003-та година. Потоа одбил настап на Метрополитен операта во Њујорк, додека многу американски опери ги откажале неговите настапи. Меѓутоа, продолжил да настапува во Европа.




Спонзорирани линкови

Маркетинг