Во Канцеларијата за социјални работи во населеното место Сингелиќ 20.000 граѓани ќе можат поедноставно да ги остварат правата од социјална заштита. Канцеларијата е дел од мрежата на канцеларии што Министерството за труд и социјална политика ги отвора во соработка со општините за да ги доближи социјалните услуги до граѓаните.
Заменик-министерот за труд и социјална политика, Ѓонул Бајрактар, дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика, Санела Шкријељ, и градоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски, ја посетија канцеларијата и одговараа на прашања на граѓаните.
„Со отворањето вакви канцеларии им олеснуваме на граѓаните. Тие не треба да патуваат и да се изложуваат на трошоци, за да достават барање за социјална помош или други права од социјална заштита“, изјави заменик-министерот Бајрактар.
Канцеларијата во Сингелиќ е една од педесетината вакви канцеларии што се отворени во државата.
Според дополнителната заменик-министерка Шкријељ, на овој начин се обезбедува еднаков пристап на сите граѓани до социјалните права и услуги.
„Отворањето на општинските канцеларии е дел од имплементацијата на социјалната реформа со која целосно го менуваме системот за социјална заштита и покажуваме дека за сите се грижиме подеднакво. Тие се дел од активностите насочени кон подобрување на социјалните услуги и се финансирани со средства од заем на Светска банка. Главна цел е развој и подобрување на квалитетот на социјалните услуги во локалните заедници, согласно потребите на граѓаните и зголемување на пристапот до социјалните услуги наменети за ранливите групи граѓани, постарите лица, лицата со попреченост и други лица, за што се обезбедени вкупно 10,8 милиони евра“, појасни Шкријељ.
Градоначалникот на Гази Баба, Георгиевски, ги информираше граѓаните дека канцеларијата ќе биде отворена од 8 до 16 часот и дека ќе биде големо олеснување не само за оние што живеат во Сингелиќ, туку и за граѓаните од околните населени места како и од Автокоманда и Маџари.