Размислуваме за нешто незамисливо: Италијанските власти ќе го блокираат Милано?

Точка

24/02/2020

10:10

4.256

Големина на фонт

а а а

Гувернерот на италијанскиот регион Ломбардија, Атилио Фонтана нареди одложување на сите манифестации и собири на јавни и приватни места поради ширењето на коронавирусот во Италија.

Одложени се сите културни, рекреативни, спортски и верски настани. Во рамките на новите мерки ќе се затворат и музеите и другите културни места. Истото важи и за црквите, а регионалниот советник Џулио Галера изјави дека се разгледува можноста да се затворат и продавниците.

Во случај ситуацијата да ескалира, би можеле да се преземат и ригорозни мерки какви што има моментално во кинескиот град Вухан, потврди Фонтана кој изрази надеж дека сепак нема да дојде до тоа.

„Не мислиме дека ќе дојде до тоа да мораме да го затвориме и изолираме Милано. Тоа би било незамисливо“, изјави гувернерот на Ломбардија.


Јавните услуги засега остануваат отворени, па јавниот превоз ќе функционира редовно. Додека во идните денови не се дознае каков ќе биде развојот на епидемијата на коронавирусот во Италија, тамошните власти се обидуваат да изградат систем на превенција за да се сопре ризикот од ширење на инфекцијата или да се намали колку што е можно повеќе.

Утринава градоначалникот на Милано, Џузепе Сала најави затворање на училиштата во градот.

„Има многу настани во градот. Не можам да замислам овој град да биде затворен и да биде откажано баш се, но тоа што не е задолжително и неопходно, можеби би било разумно да се одложи“, изјави Сала утринава на прес-конференцијата.


Вчера во Милано беше одложен натпреварот помеѓу Интер и Сампдорија каде на стадионот „Џузепе Меаца“ се очекуваа над 65 илјади навивачи на „нераѕурите“.

Според градоначалникот на Милано, одложувањата на настаните би требало да траат една седмица и смета дека тоа би било доволно.

„Со оглед на тоа што некои училишта во карневалската седмица секако се затвораат, мислам дека не е проблем да ги затвориме цела седмица“, изјави еден граѓанин за „Корере Дела Сера“.



Спонзорирани линкови

Маркетинг