Италијанската влада на итен состанок нареди блокада на 10 градови: Одложени се фудбалски натпревари, ако е потребно ќе се ангажира и војската

Точка

23/02/2020

11:20

6.536

Големина на фонт

а а а

Откако нагло порасна бројот на заразени од Корона вирусот, италијанската влада одлучи да го блокира пристапот до градовите и општините каде има најголем број на заразени луѓе.

Станува збор за италијанските северни региони Ломбардија и Венето, каде во еден вид на изолација ќе се најдат десетина градови и општини со популација од 50 илјади луѓе. Во Венето ќе биде изолирано малото градче Во кое има популација од само 3 илјади жители.

„Сакаме да ја изолираме заразата колку што е можно повеќе во рамките на одредено подрачје“, изјави италијанскиот министер за здравство Роберто Сперанца после итниот состанок кој вчера беше одржан во владиниот кабинет во Рим.


Бројот на заразени со Корона вирусот во Италија порасна на 113 лица, а две лица починаа како последица на смртоносниот вирус. Од Светската здравствена организација соопштија дека Италија има најголем број на заразени лица со Корона вирусот во Европа. Во Германија се регистрирани 16 случаи, во Франција 12 од кои едно лице почина, а во Велика Британија три случаи.

Премиерот Џузепе Конте изјави дека полицијата ќе ја надгледува ситуацијата, односно порача дека полицајците ќе ги спречуваат луѓето да влегуваат и излегуваат од градовите кои се под изолација. Исто така, тој порача дека ако биде потребно, ќе реагира и италијанската војска.


Италијанската влада наложи откажување на сите спортски натпреварувања во регионите Ломбардија и Венето, што значи дека денес нема да бидат одиграни натпреварите Интер – Сампдорија во Милано каде на стадионот „Џузепе Меаца“ се очекуваа над 65 илјади гледачи, Аталанта – Сасуоло во Бергамо и Верона – Каљари во Верона.

И пред состанокот на владиниот кабинет, локалните власти во северните италијански региони со најмногу заразени, Ломбардија и Венето, ги затворија училиштата и ги забранија јавните собири и настани.



Спонзорирани линкови

Маркетинг