Според аналитичарите, германската канцеларка Ангела Меркел е една од најодговорните за порастот на расистичките напади во земјата во последните неколку години.
Имено, наглиот пораст на овие напади следуваше од 2015-та година откако благодарение на политиката на „Отворени врати“ на Ангела Меркел, во Германија пристигнаа над милион бегалци од Блискиот исток и северот на Африка, сметаат аналитичарите.
Истовремено, порастот на нападите се поклопува со растот на популарноста на десничарската „Алтернатива за Германија“, партија која на изборите во 2017-та година го освои третото место, а е позната по своите стриктни анти-мигрантски и анти-муслимански ставови.
Десничарскиот екстремизам стана секојдневие во земјата кој носи огромен товар од нацистичкото минато. Во таа атмосфера Тобиас Ратјен во средата навечер усмрти 11 лица во градот Ханау кој се наоѓа на 20-тина километри источно од Франкфурт.
Според официјалните податоци, во текот на 2018-та година во Германија се забележани дури 8,113 напади од омраза, од кои 1,799 биле антисемитски напади претежно извршени од мигрантите – муслимани, но исто така и од десничарите. Во 2018-та година германската полиција заплени 1,090 парчиња оружје што е зголемување за 61% во однос на 2017-та година. Во истиот период биле регистрирани 8,605 прекршоци со „десничарски мотиви“.
Канцеларката која се соочува со рапидно ширење на насилството во Германија, одобри нови мерки за спречување на ширењето на насилство. Една од нив е мерката за социјалните мрежи, која ќе ги обврзе Фејсбук и Твитер да пријавуваат навредлива содржина до федералните власти.