Сеопфатното сексуaлно образование ќе превенира и скандали како „Јавна соба“

Макфакс

21/02/2020

19:20

2.288

Големина на фонт

а а а

Порнографските материјали на малолетници дистрибуирани преку групата „Јавна соба“ на апликацијата „Телеграм“, бременост кај малолетнички, насилство базирано кон оние со истородна сексуална определба, го запалија алармот да се преземе итна едукација кај децата на овие теми.

Во 2018 година е формирана работна група во Бирото за развој на образованието за подготовка на модели за пилотирање на предметот сеопфатно сексуално образование во формалното образование. Минатата година Владата ја усвои одлуката во формалното образование да се почне со пилот-предавања во неколку училишта со сеопфатно сексуално образование. Идејата е од 2011 година од невладината организација „Хера“, која на терен досега презеде низа активности за едукација.

Според психологот Ана Попризова од скопската гимнација „Орце Николов“, забраните за користење мобилни телефони и интернет-комуникација нема да доведат до решение, туку само со континуирана едукација за опасностите од сајбер-просторот ќе се превенираат вакви скандали.

Мери Цветковска од невладината „Хера“ вели дека предметот сеофатно сексуално образование ќе ја подигне свесноста кај децата и младите за сексуалното здравје.

Врсничката едукаторка Анамарија Даневска исто така смета дека „Јавна соба“ е само една од многубројните групи, каде што младите разменуваат разголени фотографии, и дека тие не се свесни за опасностите од злоупотреба, а прстот не треба да биде насочен кон нив туку кон системот за едукација и гласно говорење на темите поврзани за сексуалниот развој.

Во дебатата стана збор и честите случаи на малолетничка бременост, за насилството кон маргинализирани ранливи групи на млади, за мерките што треба да се спроведат да се превенира ескалација на настаните, каде што главно е повикан да дејствува образовниот систем.



Спонзорирани линкови

Маркетинг