“Ве молам изгубете го следниот натпревар”: Млад навивач на Јунајтед му напишал писмо на Клоп, а потоа пристигнал одговор од Енфилд

Точка

21/02/2020

13:11

3.842

Големина на фонт

а а а

Младиот навивач на Манчестер Јунајтед, Дараг Карли, го замолил Јирген Клоп да престане да победува Ливерпул.

Како што пренесуваат британските медиуми, 10-годишното дете му упатило писмо на менаџерот на Редсите во склоп на една училишна задача. 

“Ливерпул остварува премногу победи. Ако триумфирате во уште 9 натпревари, ќе ја имате најдолгата серија на непобедливост во англискиот фудбал. Со оглед на тоа што сум навивач на Јунајтед, тоа ме прави тажен. Ве молам изгубете го следниот натпревар. Само треба да дозволите вашиот противник да даде гол. Се надевам дека ве убедив да не ја освоите лигата или барем да не победувате повеќе”, порачал малиот Дараг.


На изненадување на неговите родители, многу брзо пристигнал одговор од Енфилд.

“За жал, не можам да ја исполнам твојата желба. Колку и да сакаш Ливерпул да изгуби, мојата работа е да направам сè за клубот да победува бидејќи милиони луѓе ширум светот сакаат да се случи токму тоа. Не сакам да ги изневерам”, напишал Клоп.


“На твоја среќа, губевме натпревари во минатото и сигурен сум дека тоа ќе се случи и во иднина. Проблемот кога имаш 10 години е што мислиш дека работите секогаш ќе бидат како што се сега. Јас на 52 години можам да ти кажам дека тоа не е така. Се надевам дека ќе оствариме уште победи и дека ќе освоиме некој трофеј, а тоа нема да те разочарува. Иако нашите клубови се ривали, постои голема почит помеѓу нас. Тоа е она што е најважно во фудбалот”, стои во одговорот.

Ливерпул е моментално прв во Премиер лигата со 76 бодови, дури 22 повеќе од Манчестер Сити. Екипата од Енфилд не знае за пораз во домашните натпреварувања, а во 26-то коло има само едно реми.



Спонзорирани линкови

Маркетинг