Чулев го обвини Спасовски за фалсификат, поништил 124 решенија во МВР без одлука на Влада

Макфакс

19/02/2020

15:51

1.596

Големина на фонт

а а а

Премиерот Оливер Спасовски со фалсификат поништил во Службен весник 124 решенија за распоредување во МВР, оти за нив немало одлука на Влада, рече денес техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев.

Тој на прес-конференција пред Јавното обвинителство побара што поскоро Обвинителство да направи истрага, да ги обезбеди доказите за фалсификатот со што ќе спречи бришење, уништување или прикривање на доказите.

„На седницата на Владата што се одржа во саботата на 15 февруари последна за гласање беше ставена точката за поништување на пет решенија донесени од моја стана за распоредување на вработени во Министерството за внатрешни работи. Со мнозинство гласови Владата десет минути пред полноќ, значи во 23. 50 часот го усвои предлогот да се поништат пет решенија, повторувам, само пет решенија за што постои записник, односно стенограм. Нејасно е како оваа одлука експресно, во координација со службата во Владата и со одобрување од Оливер Спасовски е објавена во Службен весник број 41, токму од истиот ден 15 .02.2020 година каде покрај петте решенија чие поништување беше изгласано, се најдоа дополнителни 124 решенија за распоредување и една наредба за извршување на работа и работни задачи. Ове решенија воопшто не биле предмет на разгледување на членовите на Владата ниту е донесена одлука за нивно поништување. Имајќи предвид дека ситуацијата налага итно преземање на дејствија со цел да се спречи бришење, уништување или прикривање на докази го повикувам Основното јавно обвинителство да преземе дејствија за обезбедување на доказите и да спроведе истрага. Во спротивно ќе биде директно одговорно за неказнетото фалсификување на оваа одлука на Владата“, рече министерот Чулев.

Тој апелираше вработените во Владата кои по насоки на Оливер Спасовски веќе го прекршиле Законот да се воздржат од дополнителни дејствија со кои ќе се обидат да ги уништат или менуваат доказите и ќе влијаат на понатамошно откривање на кривичните дела.

„Истовремено ја повикувам Владата да се воздржи од идни активности во насока на мешање во ингеренциите и независноста на Министерството за внатрешни работи и директно влијание врз избирачкото право на граѓаните и изборниот процес“, повика министерот Чулев.

За да ги смири тензиите и покрај тоа што смета дека Владата нема право да укинува индивидуални правни акти, Чулев ги повикал колегите со поништени решенија да се вратат на старите работни места.

„Поентата на оваа Влада е да предизвика хаос во Министерството за внатрешни работи и да предизвика одредени инциденти помеѓу самите вработени. Во текот на денешниот ден ние ќе издадеме нови акти, наредби, со коишто луѓето коишто јас сум ги назначил, а кои се во согласност со она што согласно Законот за Влада ми е дадено како право да назначам 10 %, ќе бидат вратени на старите работни места. Со оглед на тоа што Владата со одлука ги поништи сите овие решенија на незаконски начин, за кој сега информирав, на истите им кажав да си се вратат на старите работни места за да се избегнат инциденти во рамките на Министерството за внатрешни работи“, рече министерот Чулев.



Спонзорирани линкови

Маркетинг