Фамилијата Лацио и "ладнокрвното животно" кое стои зад сето тоа

Точка

19/02/2020

16:16

2.650

Големина на фонт

а а а

Симоне Инѕаги го прифатил советот да користи повеќе играчи и резултатите се видливи.

Јувентус не е свој, Интер покажува незрелост, а Лацио игра најдобар фудбал во Италија и сето тоа го наплаќа со одлични резултати. 

Екипата на Симоне Инѕаги е хит, не само во италијанскиот, туку и во европскиот фудбал. Два пати го победија Јувентус оваа сезона со по 3-1. Еднаш го победија Интер, кој им го нанесе последниот пораз во сезоната, а тоа беше на далечниот 25-ти септември минатата година. Од тогаш Лацио има 15 победи и четири ремија. Дури седум пати во тој период победија со 2 или повеќе голови разлика. По Аталанта имаат најефикасен напад во Серие А, имаат 9 гола повеќе од Јувентус и играат убедливо најдобар фудбал во лигата. Го имаат и најдобриот стрелец во лигата Чиро Имобиле, кој даде 26 гола на 24 натпревари и би можел да стане "капоканониере" со најдобра сезона во историјата на Серие А. Дури може и да ја пробие магичната граница од 40 голови во сезона, нешто што на никој не му тргнало од "нога". А имаат и најдобра одбрана со само 21 примен гол на 24 натпревари, пишува MozzartSport.

Сето тоа со тим без скапоцени засилувања во кои се вложени помалку од 200 милиони евра за купување на играчи претходните пет години. Значи, помалку од 40 милиони евра по сезона. Тоа се вложувања на ниво на клубови кои во петте најсилни лиги се борат за Лига Европа, а не за титула. Истовремено од продажба на играчи заработиле околу 160 милиони евра за пет години, што кажува дека не ги продавале најдобрите, освен во случај кога играчите баш инсистирале на заминување, како Лукас Биља, Кеита Балде или Антонио Кандрева. Стефан Де Фрај си отиде без отштета, но тоа е реткост во ерата на домаќинското работење на претседателот Клаудио Лотито.

Човекот кој го презема Лацио во 2004-та година со години наназад е етикетиран како "скржавец" кој не сака да вложи во засилувања и не ја следи финансиската трка со останатите ривали. Но, Лотито затекнал клуб со повеќе од милијарда евра во долгови и се определил да ги враќа долговите и со минимални вложувања постепено да го крева клубот и да прави резултати. Лацио освојувал и по некој куп или Суперкуп, а со тие трофеи е клубот кој освоил најмногу трофеи откако пред 8 години започна хегемонијата на Јувентус. Останатите не ги освојувале ни тие трофеи.

Лотито сега ужива. Што и да биде до крајот, неговиот Лацио е најубава приказна на италијанскиот фудбал. Поубава дури и од Аталанта.

"Би ја изговорил сега фразата на која сетив кога бевме во криза. Тогаш ја завршивме сезоната во која имавме право на успех и ја почнавме сезоната во која имавме обврска нешто да направиме. А тоа се различни работи во фудбалот. Клучната точка во екипата беше кога сите почнаа да сфаќаат дека нема враќање назад. Морав да ги уверам играчите да ги почитуваат оние кои ги почитуваат нив и да се однесуваат како вистински професионалци и семејство", вели Лотито во интервју за "Месаџеро".

Патронот на Лацио истакнува дека неговиот тим го има тоа што кај Интер и Јувентус не се гледа - дух на заедништво. Во Италија на Јувентус се гледа како на корпорација која со најдобра организација држи се под контрола. На Интер се гледа како на тим во кој се зависи од челичната волја на тренерот Конте да ја претвори екипата во победничка. Во Лацио победите доаѓаат лесно и природно, како продукт на целата група, пренесува MozzartSport.

"Најголема сатисфакција од победата над Интер не се ни пораките, ни повиците кои ги добив, туку глетката во соблекувалната по натпреварот. Влегов и видов пет или шест играчи како трчаат кон мене полни со адреналин. Врискаа: Претседателе, направивме што кажавте! Дали видовте што им направивме? Викаа како лудаци. Дури после тоа се позанимавав со многубројните честитки и повици. Вистина е дека многу луѓе кои не се навивачи на Лацио сега навиваат за нас и се надеваат дека ќе го срушиме монополот на Јувентус. Мислам дека имаме поддршка од сите кои не навиваат за Јувентус и Интер", вели Лотито.

Еден од клучните играчи оваа сезона е Сергеј Милинковиќ Савиќ, чиј дух не падна по приказните за трансфер во поголеми клубови и максимално се посветил на Лацио.

"Презадоволен сум кога го слушам Сергеј како зборува за Лацио како за семејство. Секогаш сме го третирале одлично, му го зголемуваме договорот и правиме да се чувствува важен. Сите заедно растеме".

Лотито е често етикетиран како апсолутист кој сака да се меша во работата на тренерите и да ги казнува играчите. Често им забележувал на тренерите што не ги користат скромните засилувања кои ги доведувале со Игли Таре.

"Се знае дека со Лацио командувам јас, но најважната одлука е да се изберат луѓе на кои можете да им верувате. Симоне Инѕаги разбра многу работи кои се очекуваат од него и многу напредуваше. Сфати дека мора да ги користи сите играчи во тимот за да оствари подобар резултат. Го направи тоа оваа сезона и резултатите се видливи. Сега сите играчи се чувствуваат важно. Знаат дека тренерот ќе им даде шанса. Тоа беше пресвртната точка кај него, прифати некои ризици и ги промени своите верувања. Порасна. А играчите даваат се за него, што е очигледно на теренот".

Горд на атомосферата во екипата...

"Вистина е дека сме како фамилија. Многу играчи и приватно се неразделни. Ми се јавуваат и ми прераскажуваат шеги кои ги правеле едни со други. Си веруваат меѓусебно максимално. Нема меѓусебен ривалитет. Се натпреваруваат само со противниците. А тоа е голема заслуга на новите избори на Инѕаги".

Признал и дека малку омекнал со играчите.

"Прифатив многу сугестии од страна на играчите за работите кои би требало да се променат во клубот и тренинг центарот. Затоа и ја имам нивната доверба. Во Лацио знаат дека се заштитени и дека јас и клубот секогаш ќе бидеме тука за нив. Знаат и што да очекуваат. Знаат дека за мене не се објекти, туку луѓе и дека нема да играат ако не се однесуваат добро".

Лотито не паѓа во еуфорија околу "Скудетото". И натаму се обидува да остане мирен и рационален.

"Играчите нека слават на терен, навивачите на трибини, а јас ќе си ја работам работата. Запаметете, Клаудио Лотито е ладнокрвно животно. Ми се јавуваат од Милано, од југот, ме молат да освоиме титула. Но, јас сум човек кој размислува за конкретни работи, а не за соништа".



Спонзорирани линкови

Маркетинг