Се огласија и Русите: Не се договоривме со Турција, но ние ја поддржуваме сириската армија!

Точка

19/02/2020

13:39

3.370

Големина на фонт

а а а

За време на преговорите во Москва, Русија и Турција не успеаа да постигнат договор за намалување на тензиите во сириската провинција Идлиб, соопшти шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров.

Лавров на конференцијата за новинарите изјави дека силите на сириската влада кои спроведуваат офанзива во Идлиб се придржувале до претходните договори за Идлиб, но и дека реагирале на провокациите. Тој порача дека ќе продолжат воените напади на сириската и руската армија во Идлиб.

Министерот за надворешни работи на Русија порача дека Москва ги поддржува акциите на сириската армија која одговара на „неприфатливите провокации во Идлиб“, додавајќи дека Русија немала никакви посебни барања за време на преговорите со Турција кои се одржаа на 17-ти и 18-ти февруари во Москва.


„Што се однесува до исходот на преговорите помеѓу Русија и Турција во Москва вчера и завчера, ние не дојдовме до заклучок за тоа како да се придржуваме до договорот на Путин и Ердоган за Идлиб. Немавме никакви барања. Мислиме дека сепак треба да ги примениме договорите кои ги постигнаа двајцата лидери“, изјави Лавров.

Од Кремљ веќе порачаа дека турската воена операција против силите на сириската армија во Идлиб би била најлошото можно сценарио. Москва силно се противи на таквата операција, порача портпаролот на Путин, Димитри Песков кој додаде дека Москва и Анкара ќе останат во контакт.


Ердоган денес предупреди дека воената операција е само прашање на време. Според зборовите на турскиот лидер, Турција и Русија се уште далеку од постигнување на договор.



Спонзорирани линкови

Маркетинг