Од оваа година, изборот за Мис Германија оди во чекор со времето. Победничката ја бирало жири составено исклучиво од жени, а новата мис е 35-годишна дама која е најстара во долгата историја на овој натпревар.
Леони Шарлот фон Хасе стоела на сцената во победничка поза со подигнати раце, опкружена со 15 кандидатки кои исто така се надевале на круната за најубава Германка.
“Ова е ноќ на силни жени”, изјавила 35-годишната Леони.
Изборот за мис Германија се одржува уште од 1927 година, но од минатиот викенд се промениле многу нешта. Организаторот Макс Клемер вели дека се барала современа жена со став, присутна на социјалните мрежи, која може да биде пример за другите. Изборот за мис повеќе не се ограничува само на надворешниот изглед, па затоа од оваа година повеќе нема ревии во костими за капење. Жените се претставуваат во вечерни фустани и кежуал комбинации со високи потпетици, но и во лежерни чевли без потпетици.
Новата мис Германија ја избрало жири чиј состав е исто така новитет: во него биле само жени.
“Карактерот доаѓа со животно искуство”
И друга новост: Леони Шарлот фон Хасе е најстарата мис Германија во 93-годишната историја. Исто така е првата мајка која ја понела оваа титула. Таа има 3-годишен син, а живее во Кил.
“Карактерот доаѓа со животното искуство”, вели оваа жена. Таа е родена и пораснала во Намибија, каде сè уште живеат нејзините родители и трите сестри. Леони студирала маркетинг и патувала низ целиот свет. Живеела во Атина, Лондон, Милано, Кејптаун и Берлин, а работела во рекламни агенции и како стилистка.
Новата мис Германија во следните 12 месеци ја очекуваат повеќе од 200 настани, вели Клемер. Дел од таа работа ќе ја преземат и двете придружнички: 22-годишната Лара Рунарсон и 23-годишната Мишел Анастасија Масалис.