Поранешниот голман на Манчестер Јунајтед и репрезентативец на Северна Ирска, Хари Грег почина во текот на денешниот ден.
Како што јавуваат од неговата фондација, Грег умрел во својата 87-ма година во болница во присуство на неговите најблиски.
Инаку, Хари Грег беше еден од оние кои го преживеаја кобниот пад на авионот на Манчестер Јунајтед кој се сруши во Минхен во 1958 година. Како ретко кој, Грег поминал без посериозни повреди при падот, па бил вклучен во спасувањето на другите патници од авионот меѓу кои и неговите соиграчи, Сер Боби Чарлтон и Џеки Бленчфлауер.
Грег при падот ја спасил и Вера Лукиќ, сопруга на југословенски дипломат која патувала со авионот и која била бремена, а заедно со неа ја спасил и нејзината мала ќерка. Токму затоа Хари Грег беше посочен како еден од хероите за време на кобниот пад на авионот.
Што се однесува до неговата фудбалска кариера, тој пристигнал во Манчестер во декември 1957 година за сума од 23.500 фунти, тогаш најголема за еден голман. По падот на авионот продолжи да игра во Јунајтед уште девет години.