Тмурните денови кај некои лица може да предизвикаат психолошки тегоби со јасни симптоми. Доколку се јавуваат нагли, драстични промени во расположението, доаѓа до брзо губење на енергија, а апетитот расте многукратно, тоа може да укажува на таканаречена зимска депресија.
Експертите тврдат дека зимската депресија се појавува како последица од неправилното лачење на хормоните серотонин и мелатонин, што се јавува поради недоволна изложеност на природна светлина, што предизвикува појава на лошо расположение, поспаност и пад на концентрацијата.
Во преодните периоди, во доцната есен и раната пролет, нагло расте бројот на лица кои се жалат на симптоми карактеристични за депресија. Меѓутоа, иако сезонската депресија е во блиска врска со недостигот на дневна сончева светлина, тоа не е нивниот пресуден причинител. Повеќето луѓе се склони сите промени до кои доаѓа во нивниот организам да ги оправдуваат со надворешните фактори, пред се климатските.
Тука пред се станува збор за внатрешни процеси и тоа првенствено кај лицата од женскиот пол. Поради статусот на хормоните и цикличната природа на промените, женскиот организам е поподложен на влијанијата на временските промени. Затоа кај жените веројатноста за појава на сезонска депресија е двојно поголема отколку кај мажите.
Многу е важно лицата со вакви проблеми да бидат свесни за таквите емоционални состојби на сезонските услови, дека се периодични и краткотрајни и дека со правилна терапија може лесно да се контролираат.
Освен психотерапија и терапија со лекови, во лечењето на зимската депресија се почесто се применуваат и фитотерапии, односно лечење со светло. Пациентот секој ден по неколку часа се изложува на силен извор на светлина, дури 10 до 20 пати посилен во однос на куќната светлина. Притоа во очите се внесува дополнителна количина на светлина за подобро да се активираат сите потребни процеси во организмот.
Меѓутоа, според мислењето на експертите, ваквиот вид терапија може исклучиво да функционира во комбинација со други методи, како помошна терапија. Тоа што е важно, таа може да има сугестивен карактер. Имено, самиот факт дека сме направиле нешто за себе и нашето здравје придонесува да се чувствуваме подобро. Покрај тоа, квалитетната психотерапија дава можност за трајно закрепнување и е најквалитетна превентива. Ова е многу важно да се истакне, бидејќи лицата кои имаат проблеми со депресијата се склони кон целосно неконтролирано консумирање на медикаменти.
Минувајте повеќе време надвор, на отворено. Природната светлина има поттикнувачко дејство на синтезата на адреналин и мелатонин, хормони кои придонесуваат за доброто расположение.
Бидете цело време во движење. Најефикасен борец против зимската депресија е физичката активност. Затоа, без разлика на временските услови, дожд, снег и студ, одете на прошетка или на трчање.
Јадете храна богата со јаглехидрати. Тука спаѓаат житарки, компир, ориз. Истовремено, ограничете го внесот на протеини во организмот, месо, млеко и млечни производи. Витаминот Ц е исто така многу ефикасен во борбата против зимската депресија, а благотворно дејство имаат и ароматичните зачински билки, бидејќи поттикнуваат производство на серотонин. Тука се вбројува ванила, ѓумбир, мускатно оревче и коријандер.
Оплеменете го вашиот станбен простор со живи, природни бои. Во вазна чувајте жолти или портокалови цвеќиња, а перниците и завесите во светли природни нијанси имаат фантастичен ефект. Влијаат подобро на расположението, го зголемуваат оптимизмот и поттикнуваат на физичка и психичка активност.
Користете етерични масла за да ја победите депресијата. Етерични масла од лимон, мандарина, ментол или лаванда многу позитивно делуваат против зимскиот замор и нерасположението.