Нашиот овогодишен претставник на Евровизија, за Точка: „Шок. Морници. Гордост. Дознав неколку денови пред да се појавам на националните вести“

Точка

27/01/2020

21:59

10.901

Големина на фонт

а а а

Васил Гарванлиев е овогодишниот наш претставник на Евровизија. Иако можеби не знаете за кого точно станува збор, ако ви кажеме дека детската песничка „Марионка“ е негова, веројатно веднаш ќе се сетите кој е Васил.

Минатата година беше еден од придружните вокали на Тамара Тодевска во Тел Авив, а сега за Точка открива колку нејзиниот висок пласман му наметнува одговорност и оваа година да се врати со некое високо место. Многу повеќе за неговиот живот и за подготовките за овогодишното издание на Евровизија, прочитајте во продолжение...

Васил, речиси цел живот живееш надвор од Македонија. Што те натера да се вратиш назад, што најмногу ти недостасуваше?

 „Ѓердан” ме врати дома. Уште кога првпат ја слушнав песната знаев дека ова е знак за мене - момент на еурека. Оставив сè, направив прецизен план, за 1,3,5 и 10 години и си се вратив дома па сега одиме напред и нагоре. Инаку, најмногу ми недостасуваше храната, планините, тишината и моите најблиски кои живеат тука.


Малкумина знаат дека многу одамна си настапувал со дел од најголемите светски имиња, како Нели Фуртадо, Селин Дион, Џули Ендрјус, дури и со Енрике Инглесијас... Што научи од нив? 

На многу интервјуа се фокусираат токму на овие имиња, кои за мене лично се дел од малку подалечно минато. Како солист на детскиот хор во Чикаго имав многу прилики да пеам со “А” ѕвезди. Тие лекции ќе ги памтам цел живот. Биди мил со сите и никогаш не знаеш животот кај ќе те однесе!

Кога бев многу мал, бев придружен вокал на R Kelly, за спотот на песната „The World’s greatest“.

Нема некој што не ја знае детската песничка „Марионка“, која со текот на годините стана евергрин. Како таа песна дојде до тебе?

Бевме на семеен одмор во Кушадаси, и мислам дека третиот ден - Летка (Димовска Полизова) се јави и рече: „Васил ОДМА да дојде во Охрид имам хит за него” - и сите во кола назад во Македонија. Исто така неколкупати досега раскажав дека многу плачев и не сакав да ја пеам Марионка, но таа ме прослави!

Минатата година беше еден од придружните вокали на Тамара Тодевска на Евровизија, а оваа година ти си нашиот претставник. Колку оваа одлука ти наметнува одговорност Македонија повторно да освои висок пласман?

Тамара ги надмина сите очекувања лани. Многу ми е мило што бев дел од тимот и позади неа и признавам дека кога се вративме си помислив „со среќа на следниот преставник после ваков настап - BIG shoes to fill”. Позитивното за мене е што ме мотивираат предизвици. Со прав тим, убава енергија и искрена приказна немаме лимит пред нас!


Опиши нѝ ја случката кога дозна дека ќе бидеш нашиот овогодишен претставник.

Шок. Морници. Гордост. Дознав неколку денови пред да се појавам на националните вести, но додека не отворив уста пред камера да кажам дека јас сум нашиот преставник сè уште не ми беше верно. Многу ми е мило што токму тој момент се емитуваше во живо пред сите и со сите!


До каде е песната, знаеш ли кој е тимот кој работи на неа?

Се пишуваат многу песни. Во моментов сум во Торонто на концерт и воедно во студио работиме на албумот. Се враќам оваа недела и нè чека доста работа. Со душа чекам да ги слушнеме предлозите заедно со МРТВ и да одбереме која најмногу ми лежи и најубаво ќе нè престави.


Васил, ти меѓудругото си и оперски пејач. Но, каков жанр најмногу ти 'лежи', со каква песна сакаш да нè претставиш?

Едно знам - нема да пеам опера. Сè друго е табула раса. Можам многу да си играм со бои и стилови. Спремен сум и да танцувам ако е брза песната. Широки долги мелодии најмногу ми лежат.


Какви коментари добиваш од луѓето по одлуката ти да ја претставуваш нашата земја на Евровизија, со оглед дека на македонската публика си ѝ помалку познат?

Ништо не е случајно. Ова е супер прилика да ме запознаат, нели? Откако се објави веста следното утро заминав за Виена, па Торонто. Единствените коментари што ги имам видено, слушнато, прочитано се честитки од моите најмили, новинари и евровизиски фанови. Ние уметниците знаеме да бидеме ранливи и од секогаш избирав и избирам да не се фокусирам на критики и нападни коментари и мојот фокус во моментов е да дадам сè од себе да се претставиме најдобро што можеме. Самиот избор на МРТВ за мене е доказ и потврда дека мојот труд е забележан. Сега останува само да гледаме и одиме напред!


И за крај, кажи нѝ како изгледа еден твој ден, како се подготвуваш за Евровизија?

Состаноци, теретана, јога, танц и интервјуа. Со нетрпение чекам да ја избереме песната за да се фокусираме на тимот, концептот, и приказна за нашата патека. 


Автор: Цеце Николова



Спонзорирани линкови

Маркетинг