ВМРО-ДПМНЕ очекувано ја напушти средбата, по вчерашната изјава на Христијан Мицкоски, кој кажа дека има забелешки и од сите 9 забелешки, само една е на виделина, рече на прес-конференција министерката за правда Рената Дескоска.
„Не доставија и не ги презентираа забелешките. Избегаа од средбата. Кажаа само 2 предлога, ние продолживме со средбата. За јавна дебата се согласивме, но нивното барање за Јовески не е основано. Претходно бараа претставници од ЕУ и САД и тогаш не побараа присуство на Јовески. Не беше договаран овој формат. Ова е уште едно нивно несериозно однесување, едноставно јасно е дека не сакаат да соопштат јавно пред сите партии дека нивната цел е запирање на сите предмети од СЈО“, порача Дескоска.
Таа додаде дека со останатите партии е договорен нов состанок на кој ќе дадат свои предлози, а ќе има и јавна расправа.
„ВМРО-ДПМНЕ има време да биде дел од преговарачкиот тим, во спротивно ќе имаме впечаток дека не поддржуваат реформи во правосудството и расчистување на криминалот. Јовески ќе биде дел од јавната расправа и не гледам тука што е спорно. Тој беше дел од работната група и ќе биде дел од таа расправа со експерти од оваа област. Јовески го знае предлог-текстот, а ова што тие го користат него како лошо алиби е уште еден обид за напуштање на преговорите“, оцени Дескоска.
Според неа, не е коректно иднината на државата да се стави на коцка и во рацете на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ќе бараме 2/3 мнозинство и поддршка од сите партии. Имаме подршка од ДУИ, а конструктивна поддршка покажаа и независните на ВМРО. Ако не постигнеме консензуз за квалитетен закон, нема да го носиме. Затоа ги повикувам сите групи да се вложат и да го подобиме текстот на законот“, нагласи Дескоска.
Претходно, ВМРО-ДПМНЕ ја напушти средбата на работните групи за законот за Јавно обвинителство, откако министерката за правда го одбила нивното барање да го повика државниот јавен обвинител, Љубомир Јовески, да учествува во констриурањето на законот.