Советски „подарок“ од вселената: Канада никогаш нема да заборави кога на нивна територија се сруши сателит со 50 килограми радиоактивен ураниум

Точка

24/01/2020

15:36

2.780

Големина на фонт

а а а

„Космос 954“ беше еден од сателитите во рамките на советската програма „РОРСАТ“, а мисијата му беше активен надзор на океаните, вклучувајќи го бродскиот и подморничкиот сообраќај.

Беше лансиран во септември 1977-ма година, а правеше круг околу Земјата на секои 89 минути. Некое време сето тоа одеше добро, но веќе некаде во декември 1977-ма година, сателитот започнал да се однесува чудно и му се менувала траекторијата која станувала се понестабилна.

Кон средината на декември тоа го забележале и американските сили, забележувајќи дека сателитот нагло ја менува висината и по 80 километри. Всушност, Советите се бореле да го стабилизираат. Тие денови одржале состанок со американските власти, предупредувајќи ги дека не можат да го контролираат сателитот „Космос 954“ и дека постои можност да се сруши.


Но, секако тоа не би бил првиот сателит кој паднал од орбитата. Зошто тогаш толку паника? Сепак, постоел проблем во врска со „Космос 954“ - имено, конкретно овој сателит имал нуклеарен реактор во кој се наоѓале 50 килограми ураниум. Покрај тоа, откажал и системот за исфрлање на реакторот кој требало да се активира кога еден ден горивото би се потрошило.

Со други зборови, Советите и целиот свет стравувал дека доколку сателитот падне, тогаш ќе рашири голема радијација. Токму и тоа се случило - на 24-ти август сателитот влегол во атмосферата со голема брзина. Советите тврделе дека не треба да се паничи затоа што истиот ќе биде целосно уништен при влегувањето во атмосферата, но секако, тоа не се случило.


„Космос 954“ се срушил во Канада на многу делови во радиус од 600 километри помеѓу езерата Грејт Слејв и Бејкер. Итно била започната операцијата „Утринско светло“. Во операцијата учествувале заедно канадско-американски тимови кои во неколку фази, неколку месеци пребарувале огромна територија која во многу региони морало да се пребарува пешки.

До крајот на операцијата биле пронајдени вкупно 12 поголеми парчиња од сателитот од кои 10 биле радиоактивни. Нивото на радиоактивност варирало од парче до парче, но еден дел имал ниво на радијација од 500 R/h што е доволно да убие човек кој во близина на парчето би поминал неколку часа.

Согласно Договорот за вселенска одговорност од 1972-ра година, Канаѓаните ја испратиле сметката со трошоци за отстранувањето на радиоактивниот отпад на адреса на Советскиот сојуз - 6 милиони канадски долари. Советите платиле само 3 милиони.

Падот на сателитот „Космос 954“ привлекол големо внимание затоа што паднал на копно, но не бил првиот. Еден советски сателит заедно со својот нуклеарен реактор се срушил во 1973-та година во Пацификот, северно од Јапонија. Подоцна на Советите им се расипал и „Космос 1402“ кој со својот реактор се срушил во 1983-та година во Атлантикот.

Од тогаш на сите сателити од проектот на „РОРСАТ“ им се вградувал посебен систем за безбедно отстранување на реакторот и истиот се покажал како ефикасен кога откажал уште еден сателит „Космос 1900“.



Спонзорирани линкови

Маркетинг