Кинеската амбасада во Париз соопшти дека била пронајдена жена од Вухан која на социјалните мрежи објавила дека зела таблети за намалување на телесната температура за да ги помине здравствените контроли на аеродромот.
Од амбасадата потврдија дека нејзините симптоми сега се под контрола.
Жената го напуштила Вухан пред да бидат суспендирани сите летови во градот поради новиот Корона вирус кој досега однесе 26 животи. Сепак, додека полетувале последните авиони од аеродромот, биле користени термометри за контрола на патниците.
Жената откако со јасни симптоми на Корона вирусот го напуштила Вухан и допатувала во Франција, објавила фотографија од ресторан во Лион.
„Пред да заминам имав температура и кашлица. Се преплашив до смрт и побрзав да земам лек за намалување на температурата. За среќа, успеав да ја намалам температурата и да излезам без проблем“, напишала жената на Фејсбук.
Нејзиниот пост набрзо станал вирален, а многу луѓе ја критикувале поради нејзината постапка која може да доведе до ширење на вирусот.
Од кинеската амбасадата во Париз во средата наведоа дека добиле повици и мејлови за жената која зела антипиретици и дека се во контакт со неа. Вчера во соопштение од амбасадата потенцираа дека температурата на жената е под контрола и дека нема грозница и други симптоми на вирусот.