Францускиот претседател Емануел Макрон денес ги исфрлил припадниците на израелската полиција од црквата Света Ана во стариот дел на Ерусалим, која според меѓународните правила, е француска територија.
Снимките од инцидентот го прикажуваат видно лутиот Макрон, кој повикува на почитување на правилата.
"Сите совршено добро ги знаеме правилата. Не ми се допаѓа тоа што го направивте. Излегувајте надвор", рекол Макрон, но останува нејасно што ја предизвикало оваа негова остра реакција.
На снимката се гледа како Макрон им се обраќа на припадниците на израелската полиција со зборовите дека одлично ја завршиле работата во градот и ги моли да ги почитуваат правилата кои постојат со векови, па француските медиуми претпоставуваат дека самото влегување на израелските безбедносни сили е причина за негово негодување.
Сличен инцидент се случил во 1996-та година кога тогашниот претседател на Франција, Жак Ширак, ги советувал припадниците на израелските сили кои носеле оружје да излезат од црквата Света Ана.
Макрон во Ерусалим учествува на петтиот Светски форум за Холокаустот, кој се одржува денес и утре.