Швајцарската полиција минатиот август во Давос уапсила двајца руски разузнавачи за кои се претпоставува дека подготвувале шпионски активности за време на одржувањето на овогодинешниот Светски економски форум.
Како што пренесуваат швајцарските медиуми, уапсените Руси имале дипломатски пасоши и набрзо по апсењето биле пуштени на слобода. Британски „БиБиСи“ пренесува дека еден од руските разузнавачи се претставил како водоинсталатер.
Од руската амбасада во Берн соопштија дека медиумите се обидуваат да направат скандал од ништо и дека за тој инцидент дознале токму од медиумите. Според нив, нема никакви податоци дека руски разузнавачи биле уапсени и испрашувани во август минатата година.
Инаку, Светскиот економски форум во швајцарскиот град Давос беше отворен во вторникот.
Како што пренесуваат швајцарските медиуми, полицијата од кантонот Граубунден добила информации дека двајца Руси сакаат да останат во Давос, скап швајцарски скијачки центар, цели три недели. Сепак, засега не е откриено какви шпионски операции вршеле тие.
Портпаролката на полицијата потврди дека Русите биле проверени, но додаде дека исто така и голем број на луѓе биле проверени од безбедносни причини.