Нашата хероина од филмот „Медена земја“ - Атиџе Муратова, која досега живееше во селото Бекирлија каде што е снимен и документарниот филм, сега ќе живее во селото Дорфулија каде што има роднини.
Куќата е купена за Атиџе, а во истата таа ќе има нормални услови за живот.
Новинарот Фуркан Салиу на социјалната мрежа Фејсбук објави и видео на кое може да се види како изгледа куќата.
Покрај видеото, тој исто така напишал и текст во кој ја објаснува ситуацијата во која се наоѓа Хатиџе.
Истиот ви го пренесуваме во целост:
„Ова е куќата што е купена за Хатиџе (главниот лик во Honeyland)…
За разлика од Бекирлија (местото каде што е снимен документарецот и местото каде што живее Хатиџе со братот) каде што нема елементарни услови за нормален живот, а Хатиџе е сама со братот, куќата во Дорфулија има струја, вода и нуди какви такви услови за нормален живот, а што е најбитно, она ќе биде поблиску до нејзините роднини и ќе може да им се обрати за било каква помош.
Денеска на пример Хатиџе не сакаше да ја запали свеќата затоа што ѝ беше последна, а за да купи друга треба да пешачи 3.5 часа.
А кога пазарува, треба да се врати натоварена со брашно и зејтин (што значи дека треба да пешачи 15 километри натоварена со 30 килограми).
За да конечно се пресели во Дорфулија, треба да се среди уште само кровот на новата куќа...
После силната порака што ја испрати до целиот свет, мислам дека барем малку не задолжи сите нас... Кој сака да донира подолу го има линкот, а ако некој сака лично да ѝ помогне, ќе ја најдете на 60 километри од Скопје, близу Лозово.
А замислете колку добро ќе беше 24 министри да донираат 20% од платата за овој месец за личност како што е Хатиџе“ - напишал Салиу.