Шкријељ: Мизрахи да не биде изненадена, во Демир Капија затекнавме корисници врзани за радијатор

Макфакс

17/01/2020

16:05

2.903

Големина на фонт

а а а

Дополнителната заменик-министерка Санела Шкријељ во интервју за „Макфакс“ изјави дека корисниците во домот во Деемир Капија до пред три години биле врзувани и престојувале во страшни услови.

Вели дека прозивката на техничката министерка Рашела Мизрахи за домот во Демир Капија била неиздржана затоа што не ја познава областа со која влегла да раководи. Шкријељ вели дека во овие три години ги извлекле сите деца кои биле во заводот и ги сместиле во групни домови.

„Техничката министерка можеби првпат влегува таму и јасно е зошто нејзината реакција е таква. Но, ќе напоменам дека тоа што ние го наследивме таму беа услови за невозможна мисија. Имаше ситуација корисниците за бидат врзувани затоа што вработените не можеа да се справат со нив. Затоа и го спроведовме тој процес на деинституционализација и ги извлековме сите деца од таму. Она што јас и техничката министерка треба да го направиме е да го продолжиме тој процес, а не да настапуваме на овој начин. Но, ќе повторам, разбирам зошто министерката настапува така“, рече Шкријељ.

Таа додава дека на техничката министерка ѝ предложила да се координираат пред да се излегува во јавност за да не се шири паника меѓу граѓаните со нецелосни информации. Предоложила да имаат состанок еднаш неделно на кој ќе одлучуваат заеднички за важни прашања.

„Токму поради тоа што не ја познава областа се ставивме на располагање да помогнеме да се подобрат процесите. Но, ќе повторам, координараноста и кооперативноста ќе зависат исклучиво од неа“, рече Шкријељ.

Дополнителната заменик-министерка рече и дека не би требало да има блокада или застој на институцијата, но додаде дека доколку Мизрахи побара кадровска промена на раководни кадри или смена на директори на центри за социјални работи, Шкриељ ќе го употреби правото на вето и нема да ги потпише овие решенија.

„Врзаниот потпис се однесува на правни и кадровски промени. Се надевам дека Мизрахи нема да побара смена на раководни кадри, но доколку тоа се случи, јас ќе го спречам тој потег. Сметам дека ние сме преодни министри и треба да останеме во рамките на таа надлежност. Оној кој ќе победи на изборите и по 12 април формира влада, нека си спроведува своја кадровска политика“, децидна беше Шкријељ.

Не одговори конкретно на прашањето дали себеси се гледа на листа за пратеник на предвремените парламентарни избори, но додаде дека е време во државата да се одвојат партиските политики од политиките кои се носат во институциите.



Спонзорирани линкови

Маркетинг