Трајковски во суд барал покана за ТНТ

Макфакс

14/01/2020

18:22

740

Големина на фонт

а а а

Ексградоначалникот Тони Трајковски, кој е обвинет во случајот ТНТ денеска при редовното пријавување во судот побарал да му се достави покана за ново рочиште и истата не му била доставена од страна на судот, тврди неговиот адвокат, Јовица Страшевски.

Потоа Трајковски испратил и писмено известување до судот во кое се пожалил дека не е уредно поканет за утрешното рочиште. 

„Со овој поднесок ве информирам дека на ден 14.01.2020 г. при потпишување во евиденцијата во судот побарав од службите да ми достават покана за следно рочиште. Бидејќи не ми доставија покана сакам да ве информирам дека уредно не сум поканет за следното судско рочиште“, се наведува во поднесокот на Трајковски до судот.

Неговиот адвокат, Страшевски вели дека овој документ е доказ оти одбраната не прави опструкции во предметот ТНТ како што тоа го прикажуваат од Кривичниот суд.

Денешното рочиште за случајот ТНТ не се одржа, а за утре е закажано ново од 10 часот. Судијата за утрешното рочиште рече дека ексградоначалникот ќе биде стражарно приведен.



Спонзорирани линкови

Маркетинг