Блиску до Скопје, далеку од загадениот воздух

Точка

13/01/2020

21:09

17.501

Големина на фонт

а а а

Семејството Спасовиќ дел од членовите на „Старовски“, македонскиот кабаре–чалгија состав, од Дебар Маало се преселиле да живеат во Чучер. Секој има причина да го промени местото на живеење, а тие нивната ја споделуваат со вас, читатетелите на Точка.

И не се сомневаме дека ќе ве поттикнат да размислувате поинаку. Целта им била да створат енергетски ефикасен дом изграден од природни материјали. Повеќето од работата сами си ја завршиле, бидејќи во Македонија сме ги изгубиле оние познати стари мајстори градители кои знаеле да градат со камен, глина, дрво на старински начин како што велат тие. За бенефитите допрва ќе прочитате: 

Која беше вашата причина да почнете живот на село? 

- Нашата почетна идеја беше дека сакаме да живееме во куќа.Но, со оглед на цените на куќите и плацовите во градското подрачје некако спонтано почнавме да бараме место во околината на Скопје, каде цените се уште се на разумно ниво.


Зошто изборот беше Чучер Сандево, имате потекло од таму можеби? 

- Јас за оваа околина дознав уште кога бев на факултет во деведесеттите. Хоби ми беше една игра "На каде води овој пат". Па така, со моите тогашни колеги и пријатели често преку викендите седнувавме во кола и ја истражувавме околината на Скопје и пошироко. При едно истражување дојдовме до едно целосно напуштено село кое многу ми се допадна. А подоцна кога се запознав со Верица ја продолживме заедно таа игра. Во едно такво шетање и го покажав селото Чучер кое на двајцата некако лесно ни прирасна за душата. Се понатака е историја.

Куќата го запази стилот на старата архитектура, сами ја градевте, ја купивте? 

- Куќата во која денес живееме беше напуштена тажна скоро срушена традиционална македонска куќа. Кога ја купивме беше во очајна состојба. Во процесот на реновирање почетните смерници беа дека сакаме да ја обновиме со истите материјали од кои била почетно изградена - камен, глина, дрво, слама, но адаптирана за модерно живеење без претеран акцент на естетиката на традиционалната архитектура.

Колку време ви беше потребно да ја „дотерате“ куќата баш како што ја замислувавте? 

- За да ја доведеме куќата до состајба за вселување ни беа потребни четири/пет години. Тој процес беше истовремено и мачен и преубав бидејќи главната цел ни беше да створиме енергетски ефикасен дом изграден од природни материјали што беше своевиден пионерски потфат во периодот кога ја градевме. Повеќето од работата сами си ја вршевме бидејќи во Македонија сме ги изгубиле оние познати стари мајстори градители кои знаеле да градат со камен, глина, дрво на старински начин. Па, градејќи и учевме и учејќи градевме и и во тој процес ни се откриваа старите заборавени занаети. Како резултат на ова поминато искуство се изроди идејата за академија на природно градителсто „Ракатрак“ која во последните неколку години организира курсеви за природно градителсто и животни вештини за возрасни и за деца која е сместена во нашиот двор.

Скапа ли инвестиција е?

- Правење на куќа во Македонија е се уште финансиски возможно ако се споредиме со европските земји. Ако се споредат цените на недвижнини во градот, посебно цените на становите, градење на куќа во овој дел од скопската околина е отприлика дупло поефтино.


Имате ли градина за зеленчук и овошје? 

- Имаме прекрасен голем двор во кој во последниве години насадивме многу дрвца и зачински билки од кои некои веќе родија со плод. Што се однесува до зеленчукот пробавме во изминатите години разни градинарски култури. Некои од тие обиди беа успешни, а некои и не толку, но сепак секоја година се обидуваме во рамки на нашите можности да произведеме нешто во нашата градина. Остатокот се обидуваме да го набавиме од локалните земјоделци и комшии.

Како го прифатија децата животот таму, каде учат?

- Нашите деца се пресреќни со местото каде живееме бидејќи слободно растат и си играат во природата, без скоро никакви ограничувања. Но што се однесува до учењето сепак за жал ги носиме во град бидејќи во селото нема градинка, а училиштетето нема целодневна настава. За среќа ова не им паѓа тешко, имаат свој круг на пријатели и таму и ваму.

Прооден ли е патот во зима кога има снег?

- Прооден е секако, исто толку колку што се проодни и улиците во градот. Сега засега општината се труди во рамките на своите можности да си ги заврши своите обврски во тој поглед. Освен тоа, има постојани автобуски линии од кои една застанува на само стотина метри од нашата куќа.

За колку време сте до градот?

- Нема да ми верувате ама побрзо стигнуваме на работа од некои наши пријатели кои живеат во градот. Некаде за 25 минути сме во центарот на градот.

Го чувствувате ли бенефитот, помалку разболување?

- Претходно живеевме во Дебар Маало каде нивото на воздушно и аудио загадување беше неподносливо. А овде во Чучер сме надвор и од аеро загадувањето, бидејќи селото е на некаде 500 метри надморска висина, а тишината која не опкружува е како да се наоѓаме на висока планина. Децата секако се разболуваат и тука, но помалку, а опоравувањето трае многу пократко.


(A.В)



Спонзорирани линкови

Маркетинг