Кобната ноќ на украинскиот авион: Бизарна случајност, рушење со ракета или нешто трето?

Точка

09/01/2020

18:02

7.482

Големина на фонт

а а а

Голема мистерија во ноќта на ескалацијата на тензиите помеѓу САД и Иран, додека иранската Револуционерна гарда ги ракетираше американските бази во Ирак, секако е падот на украинскиот патнички авион недалеку од Техеран.

Авионот на украинската национална авиокомпанија Ukraine International Airlines од типот „Боинг 737-800“ се сруши непосредно по полетувањето од меѓународниот аеродром Имам Хомеини. Дестинацијата на авионот беше Киев, сите 176 патници и членови на екипажот го загубија животот во падот на авионот кој се запали во воздух.

Фактот дека авионот се сруши непосредно откако иранските сили изведоа ракетен напад на ирачките бази во кои се наоѓаат американски војници ја прави оваа авионска несреќа „интересна“ за целата светска јавност. Дали е можно ова да е екстремно бизарна случајност? Колкави се шансите авион да падне баш за време на една таква ескалација? Шанси има, но мора да признаеме... тие се премногу мали.

Станува збор за авион „Боинг 737-800“ кој за разлика од проблематичниот „Макс“, се смета за еден од најстабилните авиони на светот и е дел од флотата на стотици авиокомпании.


Дефект или нешто сосема друго?

Иранските власти многу брзо, уште истата ноќ порачаа дека причина за падот е дефект. Поради тоа, веднаш може да се постави прашањето - како Иранците можеле да бидат толку сигурни дека станува збор за дефект, односно откажување на еден од моторите? Како можеле да бидат толку сигурни дека на пример, не станува збор за терористички напад?

Секако, во денешно време, каде и да се сруши авион, многу ретко се изоставува можноста за терористички напад, барем иницијално. Секој пад на патнички авион не е само трагедија, туку и одредена траума на глобално ниво, па воопшто не треба да нѐ зачудува тоа што на интернет уште сега, нешто повеќе од 24 часа по падот на авионот започнаа да кружат разни теории.

Една од најдоминантните теории моментално е можноста за рушење на авионот со ракета. Сепак, постојат неколку „проблеми“ кај оваа теорија, а тоа е дека авионот не е срушен во близина на границата помеѓу Иран и Ирак каде случајно би можел авионот да се најде помеѓу ракетниот оган, туку е авионот падна непосредно после полетувањето, практично во предградие на Техеран.


Тоа не оди во прилог на теоријата дека авионот е срушен од ракета, но сега пак има и уште една теорија во врска со ова. Можно е во моментот на ескалацијата и иранскиот напад, во Иран владеела конфузија и паника, па некој од против-воздушната одбрана помислил дека авионот е непријателско летало кое го напаѓа Техеран.

Се појавија првите докази дека авионот е погоден од ракета?

Организацијата "OPS Group" која се занимава со надгледување на авиосообраќајот објави извештај во кој тврди дека фотографиите од срушениот авион јасно укажуваат на тоа дека леталото е погодено од ракета.

Целата ситуација дефинитивно ќе ја распламне и фактот што Иран одби да ги предаде црните кутии на производителот - американската компанија „Боинг“. Поради тоа, падот на украинскиот авион во овој момент останува мистерија, но не за долго.


Неколку аргументи одат против тврдењето дека авионот се срушил поради дефект затоа што, како што рековме, „Боинг 737-800“ важи за исклучително безбеден авион. Авионот бил само три години стар, редовно сервисиран и воопшто немал технички проблеми. Покрај тоа, самиот оператор, Ukraine International Airlines има одлична репутација, досега никогаш немале смртоносен инцидент, а работат веќе 28 години.

За крај, мора да се нагласи дека пилотите на авионот воопшто не ја известиле контролата на летот дека се соочуваат со вондредна ситуација и не пријавиле дека имаат дефект на моторот.

Фактот дека целата комуникација наеднаш се прекинала укажува дека се случила голема катастрофа за време на летот и пилотите воопшто не можеле да реагираат. Одговорот можеби се крие во црните кутии, но дали Иран ќе дозволи увид во нивниот материјал?

Едно е сигурно, оваа несреќа поради повеќе причини не изгледа како „вообичаен“ пад на патнички авион. Доколку е, тогаш случајноста да се случи баш тогаш и баш на таков начин (нов и сервисиран авион да има фатален дефект и пилотите да не пријават проблем), многумина ќе се сложат - е екстремно бизарна.



Спонзорирани линкови

Маркетинг