За 15 дена не само што ќе ја дочекаме Новата година – туку ќе ја дочекаме и новата деценија.
По тој повод, ви ги претставуваме технолошките геџети кои ја одбележаа деценијата зад нас:
10. Google Glass беа револуционерни очила со AR (augmented reality) можности кои требаше да го променат начинот на кој ги користиме личните компјутери. Сепак, Google по само неколку години се откажа од овој проект.
9. Nokia Lumia 1020 беше револуционерен телефон таа 2013 година – AMOLED екран и неверојатна камера од 41 мегапиксел. Сепак, телефонот работеше на Windows Phone платформа која никогаш не успеа навистина да им парира нa Android и iOS.
8. Beats Bluetooth звучниците се зачетници на аудио револуцијата – одличен додаток на секој паметен телефон и таблет. Иако звукот на звучниците никогаш не беше одличен, денес имаме и безжични звучници од врвни брендови кои можат да се купат за многу ниски суми.
7. Google Nexus паметните телефони, подоцна наречени Pixel, први покажаа како Google ја гледа вистинската Android платформа. Денешните Pixel паметни телефони поседуваат едни од најдобрите камери на пазарот.
6. Прикриената веб камера не е геџет, но е навистина важна работа. Во годините кога многумина се загрижени за безбедноста на интернет, угледајте се на Марк Закерберг и – прекријте ја вашата веб камера со селотејп.
5. Селфи стикови – за некој корисни, за некој многу иритирачки. Тие нѝ овозможија да правиме фотографии со телефонот од секој агол.
4. Екстерните батерии станаа неопходни во светот каде многумина “живеат” на интернет, преку својот паметен телефон или таблет. Празната батерија стана ноќна мора ширум светот.
3. iPad беше и остана единствениот таблет кој навистина може да замени пренослив компјутер. Денес во верзија Pro, овозможува да монтирате видео или да уредувате фотографии буквално каде сакате.
2. Акционите камери ги заменија големите камкордери, а нѝ овозможија да правиме неверојатни видео снимки. Денес можете да купите 4К акциона камера со одлични можности за помалку од 100 долари.
1. Електрични автомобили – некогаш научна фантастика, денес реалност. Од првите електрични автомобили на Toyota, преку популарните модели на Tesla, иднината на автомобилите е електрична, а повеќето произведувачи веќе имаат или планираат над 10-тина модели на батерии.