Меркел ги повикува Балканците да работат и живеат во Германија: Им недостасуваат над милион работници...

Точка

15/12/2019

13:30

19.185

Големина на фонт

а а а

Германија на почетокот од идната година ќе донесе нов закон кој би требало да го олесни „увозот“ на квалификувани работници од земјите надвор од Европската унија, најави германската канцеларка Ангела Меркел и предупреди на „очајната“ потреба на економијата за нови работници.

Законот за доселување на квалификувана работна сила ќе стапи на сила на 1-ви март 2020-та година и негова цел е да им се отвори патот на работниците на земјите надвор од Европската унија да работат и да останат да живеат во Германија.

Според последните проценки, во Германија моментално има 1,3 милиони непополнети работни места. Инаку, во економски најмоќната земја членка на Европската унија моментално работат 2 милиони луѓе од странство.

„Но, тоа не е доволно и затоа мораме да побараме квалификувани работници и надвор од Европската унија. Без доволно кадар, ниту една економија не може да преживее“, предупреди германската канцеларка во видео пораката.

Канцеларката Ангела Меркел истакна дека потребата за квалификувани работници од странство не се однесува само на академскита образованите граѓани.

„Ние моментално имаме бројни претпријатија кои се во очајничка потрага по квалификувана работна сила. Ако политичарите не се погрижат да добијат стручен кадар, компаниите и претприемачите ќе ја напуштат Германија, а ние не сакаме тоа да се случи“, порача Меркел.


Со цел да бидат задоволени потребите на економијата, владата разработи три стратегии. Првата се однесува на целосно искористување на капацитетот на домашните работници, втората на зголемен увоз на квалификувани работници од земјите од Европската унија и третата е увоз на квалификувани работници од земјите кои се надвор од Европската унија.

Законот за доселување на стручна работна сила овозможува и доселување со цел заинтересираните и да се образуваат во Германија, а Меркел најави и забрзано издавање на работни визи за квалификуваните работници кои ќе ги исполнат сите услови.


Во Германија инаку од 2016-та година е на сила таканареченото Правило за доселување од Западен Балкан кое не е ограничено само на квалификуваните, туку се однесува и на неквалификуваните работници. Досегашната пракса покажа дека најголемиот проблем е со издавањето на работни визи, затоа што луѓето во германските амбасади на Балканот за термин чекаат и по една година.

Германската влада во идниот период треба да одлучи дали тоа правило треба да се укине кога на 1-ви март ќе стапи на сила новиот закон кој ќе се однесува и на тие земји.



Спонзорирани линкови

Маркетинг