Тимот на Точка продолжува со интервјуа преку кои се обидуваме да ги запознаеме нашите политичари од поинаков агол.
Денеска „Од друг агол“ го запознаваме Игор Јанушев, генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ. На што е најмногу горд, каква супермоќ сака да поседува, која лоша навика никогаш не ја искоренил, читате во продолжение...
Моето детство беше онакво какво што треба да биде детсвото на секое дете – полно со безусловна љубов, поддршка, безгрижно, исполнето со многу играње, радост и смеа. Моите родители ми го овозможија тоа, и за тоа сум им бескрајно благодарен. И до ден денес ја имам нивната безусловна љубов и поддршка, но слободното време и безгрижноста е она што ми недостига денес, што ми недостасуваше вчера, а најверојатно и утре.
Лоша навика ми се цигарите кои многупати ги гледам како релаксација, а всушност се само тоа – лоша навика и зависност.
Лично, горд сум што сум татко на две прекрасни деца. Професионално, целосната реализација на проектите, во кои беспоштедно се вложив и со кои граѓаните на Република Македонија добија модернизирани меѓународни аеродроми во Скопје и Охрид, како и влезот на ниско буџетната компанија WizzAir.
Во оној момент кој ќе решам, кога ќе донесам одлука да не се занимавам повеќе со политика дефинитивно сакам и се надевам дека ќе се вратам да работам во воздухопловниот сектор. Не за џабе има анегдота во оваа фела која вели „кога еднаш ќе го почувствуваш мирисот на керозин...“ (се смее)
Инстант насмевката е исклучително последица од насмевката на моите два сина. Во однос на тоа што може да ме изнервира... повеќе работи, но пред сè незавршена или делумно завршена работа (она што велиме „колку да се рече“) од било каква природа.
Љубовта не постои за да нè направи среќни. Верувам дека постои за да ни покаже колку можеме да издржиме. Пријателството, она вистинското пријателство, безусловно и искрено, за мене е како бескрвна семејна врска. Човек може никогаш да не го пронајде својот дом, но кога ќе ти се спојат патиштата со пријател, другар, тогаш целиот свет ти изгледа како дом.
Ги сакам животните, особено кучињата, фамилијарно имаме куче од расата чау-чау, но за жал, поради моите обврски, домашното милениче е пред сè обврска на татко ми.
Сакам да гледам добар филм, фан сум на стрип супер хероите, но и да прочитам добра книга, што всушност и го правам секојдневно, пред спиење, без разлика колку напорен ден сум имал и колку сум уморен, тоа е нешто што ме опушта и ми помага да си ги средам мислите. Исто така, се обидувам секојдневно да спортувам, на тој начин ја одржувам психо-физичката кондиција, и откако пред 4-5 години го открив „CrossFit“ како спорт, редовно го практикувам во утринските часови, така всушност ми започнува денот. И секако, едвај чекам да седнам пред телевизор и да гледам натпревар во целосна тишина и да се слуша само моето навивање на секоја топка, на секој даден гол на Милан во голот на противниците, што за жал не се случува онолку често колку што јас посакувам во последниве години. Но, тоа е така во спортот, клубот се сака и поддржува и кога е најдобар и победува, но и кога губи.
Супермоќ, точно знам која, а и нема да ми треба никаков костум. Да можам да го запрам времето – кога децата ни се радосни, бесни и возбудени, кога сум сам со себе и книгата, кога сакам да завршам 5 работи во исто време, кога треба да се поздравам со другар кој заминува, кога откривам или учам нови работи и уште мал милион “ситни” моменти и случувања кои го прават животот вреден за живеење.
За оваа година? Многу неостварени желби, но ако до крај на декември ја добијам мојата супермоќ за се би имало време да се исполни.
Колку и да сакаме да „избегаме“ од секојдневните обврски и колку и да бев решен да не ја споменам политика во ова интервју, сепак морам. Знаете дека на 3-ти Јануари 2020 година ќе се избира техничка влада во Собранието на Република Македонија, така да било какви планови за Нова Година, за жал, се ставени на „stand by“.
Автор: Цеце Николова