Николоски тврди дека со СДСМ имале договор: За изборниот модел требаше да преговараме по изборите

Макфакс

14/12/2019

14:05

3.152

Големина на фонт

а а а

Преговорите за Изборниот законик практично влегоа во ќор сокак, по вина на власта којашто на подмолен и недемократски начин, сака да протурка решенија во парламентот без претходна дебата и без спротивставување на аргументите, оцени денеска на прес-конференција, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.

Тој обвини дека премиерот Зоран Заев и СДСМ не се искрени кога вината ја насочуваат кон опозицијата и нагласи дека досега не се случило да се менува изборен модел без консензус.

Николоски рече дека во изминатите неколку месеци постоела интензивна комуникација на неформално ниво помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, која имала за цел изнаоѓање на консензус по однос на изборниот модел.

На овие средби, како што тврди Николоски, било заклучено дека нема доволно време за имплементација на нов изборен модел, како и дека за ваква промена потребни се широки општествени и политички дебати и консензус.

„Двете партии се согласија дека веднаш по завршувањето на парламентарните избори во 2020 година, ќе пристапат во интензивни преговори во насока на постигнување на таков консензус. Втора поента беше сите прашања во врска со модалитетите и имплементацијата ќе бидат дефинирани на експертско ниво“, тврди Николоски.

Тој рече дека сето ова паднало во вода, кога СДСМ решила на сила, шверцерски и еднострано да ги турка нивните решенија низ собраниската процедура без консензус, без широка поддршка и без експертска анализа, спротивно на заложбите од неформалните контакти коишто ги оствариле изминативе неколку месеци.

„Навистина е нејасно како за СДСМ и Заев беше прифатливо до пред некој ден да не се брза со носење на решенија за Изборниот законик, и за истото решение по изборите да се бара широк политички и општествен консензус, како што е редот, а сега истото се поништува и на сила се туркаат измени на Изборниот законик. Нема ниту еднаш ваков случај во нашата парламентарна историја на сила да се носат измени на Изборниот законик. И исто како во законот за јазици поради ова лицемерие на Заев и СДСМ и овој проект ќе им се удри од ѕид. На сила и со едноумие, не се владее. СДСМ не може да ја множи со нула волјата на граѓаните, не може да ја множи со нула волјата на опозицијата и останатите политички партии во собранието“, додаде Николоски.



Спонзорирани линкови

Маркетинг