Бугарските академици: "Македонскиот јазик не постои"

Точка

12/12/2019

16:02

1.564

Големина на фонт

а а а

Бугарската академија за науки и уметности се огласила со ставот дека македонски јазик не постои, и дека станува збор за писмено-регионална норма на бугарскиот јазик, а дека македонската позиција по тоа прашање е лажна.

Академијата на науки на Бугарија истакнува дека "со тврдењата дека постои македонски јазик се нарушуваат односите меѓу двете земји". Бугарските академици оцениле дека македонскиот јазик е лажен по усвојувањето на Повелбата за македонскиот јазик на Македонската академија на науките и уметностите на 3-ти декември. 

"Документот на Македонската академија на науки и уметности предизвика сериозни научни примедби. Македонската позиција е лажна", се наведува во соопштението на бугарската академија.

Ставот на бугарските академици е на иста линија со декларацијата која на 9-ти октомври ја усвоила бугарската влада, а потоа и бугарскиот парламент, во која се нагласува дека "во документите на Европската унија не смее да се споменува македонскиот јазик".

Собранието на Македонската академија на науките и уметностите на 3-ти декември оваа година ја усвоило "Повелбата за македонскиот јазик", во која стојат, како што е наведено, научно признати факти за македонскиот јазик.

Инаку, Бугарија и Македонија на 1-ви август во 2017-та година потпишале Договор за пријателство кој предвидува и решавање на прашањата за заедничката историја. Работата на заедничката македонско-бугарска комисија за историски прашања се занимава со учебниците по историја во основните и средните училишта на двете земји, како и со обележување на заеднички личности низ историјата.




Спонзорирани линкови

Маркетинг