Од "промашување" на Ливерпул до ѕвезда на Лацио и најдобар асистент во Европа во моментов

Точка

12/12/2019

15:04

3.601

Големина на фонт

а а а

Луис Алберто, шпанскиот фудбалер кој беше продаден од Ливерпул во Лацио во 2016-та година за 4 милиони евра, сега според Transfermarkt вреди 35 милиони. Алберто драстично напредуваше по заминувањето од Енфилд, а оваа сезона досега има постигнато 2 гола и 12 асистенции, и е еден од најважните фактори што Лацио е на третата позиција во Серие А.

Лацио го победи Јувентус со 3-1 минатиот викенд, а Алберто уште еднаш одигра маестрална партија. Според многумина Шпанецот беше најдобар фудбалер на теренот. Лацио беше понесен од тоа да не го доживее првиот пораз на домашен терен сезонава, но и да ја продолжи серијата од шест победи по ред во лигата, со што ќе се доближи до двата водечки тимови во лигата. Сега се на третото место со 33 бодови, само 3 помалку од Јувентус на второто место, и пет помалку од водечкиот Интер. 

За успешните партии на Лацио голема заслуга има и Симоне Инѕаги, кој успева да го задржи тимот во горниот дел на табелата веќе неколку сезони, и покрај лимитираниот трансфер буџет. Бројките зборуваат сами за себе. Лацио го има вториот најдобар напад во лигата со 36 голови во 15 натпревари, еден помалку од Аталанта. Сето тоа не е чудно ако се види дека Чиро Имобиле и Луис Алберто се најдобриот стрелец и најдобриот асистент во Серие А, но и во петте најсилни лиги. И покрај тоа што не можеше целиот свој потенцијал да го покаже во Ливерпул и Севиља, 27-годишниот Шпанец сега блеска во најстариот римски клуб.

Со брзината и голгетеските способности на Имобиле и Кореа, техниката на Алберто и силата на Милинковиќ-Савиќ, Римјаните се во можност да создаваат контри на брилијантен начин. Веднаш зад Манчестер Сити, Лацио е вториот клуб во Европа на кој му е потребен најмал посед на топката за да влезе во последните 20 метри од теренот. Кога на тоа ќе се додаде и втората најдобра одбрана на лигата предводена од Франческо Ачерби, единствениот дефанзивец во најсилните пет лиги кој се уште не е издриблан сезонава, се стекнува оптимизам дека Лацио сезонава конечно ќе може да заврши меѓу првите четири екипи на табелата, нешто што под диригентската палка на Инѕаги за малку "му бегаше" минатите три сезони.

Сепак, се поставува прашањето дали Лацио ќе може да го следи фуриозниот ритам на Јувентус и Интер, посебно ако се знае дека римскиот клуб нема толку широка клупа. Лацио има одличен тим, а според зборовите на Инѕаги, главен приоритет на клубот сезонава е пласман во Лигата на шампионите.




Спонзорирани линкови

Маркетинг