Новогодишни честитки на дел од јавните личности до политичарите

Точка

12/12/2019

14:54

8.505

Големина на фонт

а а а

„Да ги вратат украдените пари, да нема повеќе лекување луѓе со смс пораки, туку да им плати државата, се одолжија на власт без да се раздолжат и така едните исти, па исти, сплотени како една фамилија“ - ова се, драги наши читатели, дел од честитките на дел од јавните личности упатени на адреса на политичарите.

Па, нели веќе владее новогодишна еуфорија, а ние како да заборавивме да си испраќаме честитки. Токму како потсетување на ова мало внимание без кое некогаш не поминуваше Нова Година, решивме да ги прашаме дел од нашите јавни личности што ќе им посакаат на политичарите, а тие како одвај да чекале некој да им го постави прашањето. Еве што одговорија: 

Татјана Алексиќ - професорка 

*фотограф: Мики Трајковски - Манца

„Честитки за уште едно избезумено испраќање на старата година со ,,застарени" процеси, нерасчистени ситуации, талични сметки и долгови! Малерозно е да се влезе во новата година со долгови, па ќе ја запееме „Песна против малери“ и со нашиот балкански ментос ќе ја дочекаме Новата 2020-та накитено ( котењето е аут), украдено, пардон украсено, на плоштадот како поле за премерување која власт повеќе потрошила. Оти сѐ друго е под контрола. Контролирано раѓање, раселување, разнебитување, контролирано контролирање на политичарите долж 30 години наназад. Се одолжија на власт без да се раздолжат и така едни те исти, па исти, сплотени како една фамилија. Инаку, на нас, обичните граѓани сѐ ни е под контрола. Ние сѐ знаеме за политиката, омилена тема за сите возрасти, почеста и од сексот. Сѐ ни е јасно и сѐ знаеме освен да одбереме политичари кои ќе бидат под наша контрола. Да ни служат на нас граѓаните, да ни се плашат дека за најмал кикс може да ги смениме и замениме. Честитки за уште еден загаден влез во Новата година со стариот нечист воздух ! Ни остана уште водата, дур не ја распродадеме на некој Црн петок. Впрочем, влегувањето во Новата година е како влез во ЕУ, секоја година многу врева за ништо !” 

Петар Младеновски (Пеце „Суперхикс“) - музичар 


„Среќна Нова Година и Честит Божиќ на сите наши политичари. Да Бог да, следнава 2020-та патните трошоци ви се сведат на износ на годишен билет за ЈСП. Хранарината ви дојде на ниво на конфекциска работничка од Пехчево. Платите ви станат како на третосменец од Железара. Децата ви се школуваат и лечат во државни установи во земјава. Возниот парк ви се сведе на Голф 3-ка максимум. Апанажи и бонуси да се укинат со закон. Само тогаш ќе разберете пораката како да почнете да работите во следната 2020-та! На здравје!“

Катерина Шехтанска - актерка 


„Мислете на народот, децата (не само на вашите).Помислете на тоа дека резервна земја држава немаме. Имаме само една и единствена Македонија. Овозможете нормален и приестоен живот. Не ни е потребен како вашиот..Пробајте, значи барем пробајте...да не ни ја потценувате интелегенцијата и да си правите што си сакате. Затоа што може да ви се случи НАРОД. Народот да се сврти протов вас и да ве смени за два дена..два часа, две минути..еве сменет си... “

Дарко Масларковски („Пука Козметика“) -музичар 


„Офф, тешко ми е да им посакам добро кога толку лошо им направија на луѓето и на МАКЕДОНИЈА. Да ги вратат украдените пари, да не лажат толку, да бидат луѓе и да помогнат на многуте сиромашни и обесправени. Да знаат дека клетва стига до 7-мо колено. Да се појави нова свежа политичка сила која ќе го земе за пример најголемиот уругвајски претседател Хозе Пепе Мухика.“

Елена Велевска - естраден уметник 


„Политичарите не смеат да ја заборават нивната основна функција, а тоа е да им служат на граѓаните. Сите оние кои се на функција мораат да се потрудат и да им ги решат елементарните проблеми на оние кои им е неопходно. Да се потрудат да нема глад и сиромаштија, да нема повеќе лекување луѓе со смс пораки, туку да им плати државата. Не смее повеќе да се дозволи дечиња да немаат кров над глава, работници да бидат робови шест дена во неделата во приватни фирми за минималец... Нека покажат и докажат дека работат за народот, а не за себе. Тогаш сите ќе бидеме среќни.“

(А.В)



Спонзорирани линкови

Маркетинг