Камчев: Филипче ми e пријател и немаше никакви бизнис-зделки со Боки 13

Макфакс

06/12/2019

19:17

1.622

Големина на фонт

а а а

Бизнисменот Орце Камчев по судењето за „Рекет“, запрашан за врските меѓу него и министерот за здравство, Венко Филипче, не сакаше многу да коментира, а за средбата и проектот меѓу нив двајца и Бојан Јовановски – Боки 13 рече дека станува збор за небитни работи бидејќи тој проект не се реализирал.

Прашањето следуваше кога во судницата Бојан Јовановски го праша што правел во неговиот дом меѓу 15 и 20 март, а Камчев рече дека бил таму зашто го викнале за одредена работа што тој ја одбил. Бизнисменот потврди дека на средбата биле присутни и Зоран Милески – Кичеец и министерот за здравство, Венко Филипче.

Камчев вели дека станувало збор за некако јавно-приватно партнерство што го смислил Бојан Јовановски и им го понудил нему и на министерот Филипче, но дека проектот не држел вода.

„Небитен е проектот бидејќи Бојан Јовановски бладаше. Сè што зборува се глупости. Имаше идеја да прави некакви јавни-приватни партнерства и бла, бла, бла. Беше еден состанок од мене не потврден, исто и од министерот. Беше само еден муабет“, рече кусо Камчев.

Камчев тврдеше дека Филипче не барал ништо од него на тој состанок. На инсистирање од новинарите да даде одговор на прашањето која е конекцијата меѓу него и Филипче, бизнисменот Камчев рече дека тие се пријатели и таа релација ќе остане.

„Ако Венко Филипче барал нешто на тој состанок, да знаете, сигурно ќе беше пријавено. Јас и Венко Филипче со години сме пријатели. Над 20 години. Тој работеше во нашата болница одреден период. Тој ми беше пријател и ќе ми биде пријател. Бојан Јовановски имаше идеја да се прави некое јавно-притватно партнерство за некоја болница. Ние му рековме дека тоа не држи вода иако тој може преку некои негови врски тоа да го лобира. И тоа беше тоа на состанокот“, додаде Камчев по судењето.



Спонзорирани линкови

Маркетинг