Предновогодишно загревање со новиот албум на Љубојна

Точка

06/12/2019

10:24

2.032

Големина на фонт

а а а

Шумска бајковита звучна љубовна приказна која ќе ја донесе публиката на акустичен пикник со Љубојна, ова е предновогодишното изненадување од Љубојна за сите вас кои ги обожувате, слушате и со нетрпение очекувате нешто ново од нив. Композициите од новиот албум ќе можете да ги слушнете на преновогодишниот концерт, кој како што најавуваат ќе биде полн со изненадувања. Албумот е комплексен во секој поглед. Богат е музички, има фантастични аранжмани и оркестрација испишани од маестро Џијан Емин.

На претстојниот концерт ќе слушнеме песни од новиот албум. Каква приказна или приказни ќе споделите овојпат со публиката?

- На моја голема радост ова ќе биде акустичен концерт фокусиран пред сé на богат пејачки концепт. Го доживувам како ехо од минатите големи концерти кои ги правевме, кое остана да звучи во етерот и сакавме да се преточи во unplugged концерт. Тоа ќе биде шумска бајковита звучна љубовна приказна која ќе ја донесе публиката на акустичен пикник со Љубојна.

Повторно ќе бидат оживеани изворни македонски песни? Кои?

- Ќе има многу песни од новото аудио издание кое треба деновиве да излезе, некои од нив и комплетно авторски. Песни во кои јас уживам пеејќи ги, но и познати хит теми на Љубојна кои што си ги споделуваме со публиката.

Колку време го подготвувавте албумот имате ли гости на истиот?

- Албумот го снимивме со Македонска филхармонија, една недела по концертот, на местото од “злочинот”, благодарение на двајцата прекрасни инженери на звук и луѓе посветени на сцената: Ален Хаџи – Стефанов и Ангел Ќосев. Продукциски албумот се работеше и доработуваше во студиото “Подрумот” и опфати скоро година дотерување. Наскоро ќе биде во рацете на публиката што ми е особено возбудливо! Албумот е комплексен во секој поглед. Богат е музички, има фантастични аранжмани и оркестрација испишани од маестро Џијан Емин, кој како гостин на албумот, заедно со продуцентот на овој проект, Оливер Јосифовски, е дел од сите етапи на негова реализација.

Што да очекуваат на концертот, до сега знаевте пријатно да не изненадите?

- Една прекрасна вечер, дружење со Љубојна во нејзиниот препознатлив стил и доследна естетика, исполнета со многу музички изненадувања.

Чија креација ќе носиш, како како ќе изгледаш на сцена?

- Последниве години мојот избор на костим дизајнер е Раде Василев, со кој што сме на иста фреквенција и заеднички ја градиме сценската и музичка приказна на Љубојна. Така што и овој концерт ќе биде збогатен со негова креација. Инаку за дизајнот на фризура и овој пат се грижи Грациела Марк – Студио Панаш, за шминката Елена Арсовска, а за свежиот изглед Даниела Бошковска – Студио Енерги.

Ќе има ли гости на концертот?

- Љубојна е подвижно музичко јадро околу кое гравитираат секој пат различен број на музичари, кои при средба со нашите нови проекти се одново и одново гости инспирирани од свежата музичка идеја која ја разработуваме за концерт, полна со изненадувања.

Колку ќе трае?

- Концертот ќе биде целовечерно заедничко уживање исполнето со љубов и радост.

Како се подготвувате особено вие како солист имате ли ритуали пред настап?

- Се трудам да бидам повеќе со себеси и во себеси насочувајќи ја целата моја енергија и фокус на возбудливата средбата со публиката и на тој свечен канал на размена и соопштување на љубов, радост, емоција, музика...

Следува ли после концертот промотивна турнеја?

- На овој проект му претходи концертно дружење со хрватската публика, непосредно пред 22-ри декември. Првиот концерт ќе биде во Загреб, во преубавата “Дворана Лисински”, а потоа во Ријека во “ХКД Сушак”. Вендаш потоа се враќаме дома, на концертот кој го најавуваме, полни со свежи импресии, бидејќи Хрватската има огромна публика, која е особено приемчива за музика и задоволство е да се настапува пред неа.

Каде настапувате за Нова Година?

- Вообичаено концертите некако ни зачестуваат пред прославата на Нова Година, се чини тоа време како да е резервирано за нашите целовечерни концерти. Луѓето се претпразнично расположени за сите убави празници што следат и таа убава радост се чувствува на концертите. Инаку заради нашето често отсуство од дома, си ја посакуваме таа вечер за себе и за нашето семејство.

(А.В.)



Спонзорирани линкови

Маркетинг