Таравари даде рок од една недела инвеститорите сами да урнат дивоградби во Гостивар

Макфакс

02/12/2019

15:09

453

Големина на фонт

а а а

Градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, на инвеститорите им даде рок од една недела самите да реагираат по однос на отстапувања од планот при изградба на колективни згради во градот и да ги урнат доградбите.

Како што информираат општинските власти, при денешниот увид на терен, извршен од Таравари и овластените градежни инспектори, било утврдено дека во два случаи има отстапување од градежната дозвола, односно дека се гради над габаритот предвиден со постојните детални урбанистички планови.

При увидот, гостиварскиот градоначалник повтори дека останува верен на ставот оти воопшто нема да толерира диво градење.

„Како што сум истакнал неколку пати, толеранцијата за градење на диво ќе биде нула. Денес откривме два случаи на градеење над дозволата за градба, соодветно над дозволениот подрум. Инвеститорите имаат една недела рок да ги срушат доградбите и да продолжат да го градат објектот во согласност со градежната дозвола. Во спротивно, ќе постапиме ние“, рече Таравари.

Локалните власти од Гостивар апелираат до сите инвеститори строго да се придржуваат до дозволата, правилата и стандардите при градење, а граѓаните ги охрабруваат да ги пријават случаите на нелегално градење.



Спонзорирани линкови

Маркетинг