Сите сакаат да ѝ побегнат на правдата: Дескоска бара Собранието да спречи активирање на амнестиите на Иванов

Точка

29/11/2019

13:10

2.293

Големина на фонт

а а а

Министерката за правда вели дека во нашата земја сите се обидуваат да ја избегнат правдата и да не бидат осудени за тешки кривични дела.

Откако неодамна се случи судско фијаско и пропаднаа неколку предмети на СЈО поради застареност на дело, веќе редовна пракса стана и одложувањето на судските постапки.

Сепак, иницирањето на постапка до Уставниот суд за укинување на членови од кривичниот закон, односно од законот за помилување е најнов срамен обид за одредени политичари и истакнати функционери да ѝ побегнат на правдата.

„Целта на овие манипулативни обиди е постигнување на неказнивост за кривичните дела кои беа предмет на СЈО, а сега ги продолжи редовното обвинителство. Со отворањето на членот 11 од Законот за помилување се заканува голема опасност за иднината на постапките кои се водат за и врз основа на прислушуваните материјали“, изјави Дескоска, пренесува „РСЕ“.

Министерката нагласи дека сака да се спречи активирањето на амнестиите кои ги даде поранешниот претседател на државата, Ѓорѓе Иванов и поради кои избија големи протести ширум државата.

Дескоска ги повика пратениците во Собранието на Македонија да реагираат и да го спречат активирањето на амнестиите на Иванов.

„Собранието има механизми преку автентично толкување на законот да го потврди тоа што го тврдеше стручната јавност, а тоа е дека членот 11 на кој Иванов ги засновуваше масовните амнестии не постоеше“, изјави Дескоска.

Според министерката, Собранието со еден ваков потег би требало да покаже кој се залага во оваа држава за правда, а кој е за амнестии и помилувања.



Спонзорирани линкови

Маркетинг