Заев-Дендиас: Грција е трет најголем инвеститор во Северна Македонија, претендира да биде прв

Макфакс

26/11/2019

15:58

859

Големина на фонт

а а а

Премиерот Зоран Заев се сретна со министерот за надворешни работи на Република Грција во рамките на неговата официјална посета на државава. На билатералната средба се разговараше за поддршката што Република Северна Македонија континуирано ја добива од Република Грција на патот на евро-атлантските интеграции и за развојот на трговската размена и инвестициите помеѓу двете држави.

Грција е трет најголем инвеститор во Северна Македонија, а претендира во следниот период да дојде на првото место. Преспанскиот договор е извонредна можност за зајакнување на културните и економските врски помеѓу двете држави.

Министерот за надворешни работи, Никос Дендиас, рече дека, без разлика кој е на власт во Грција, секоја влада принципиелно се залага за имплементирање на заклучоците од солунскиот самит, со кој се поддржува интеграцијата на балканските земји во Европската Унија. Дендијас додаде дека по барање на премиерот Мицотакис, во следниот период ќе ја интензивира својата лоби-агенда во европските центри на моќ, во кој ќе бара начин како Северна Македонија што е можно побргу да го почне процесот на преговори со Европската Унија.

Премиерот Заев се заблагодари за севкупната поддршка што ја добиваме од владата во Атина и се осврна на потребата од зголемување на економската размена, но и подобрување и отворање нови инфраструктурни канали, кои треба да ја поддржат бизнис-заедницата. Премиерот Заев истакна дека кога бизнисот се развива, граѓаните во нашите две држави ќе имаат и подобар животен стандард.



Спонзорирани линкови

Маркетинг