Димитров го пречека својот грчки колега, Никос Дендиас

Макфакс

26/11/2019

14:58

1.102

Големина на фонт

а а а

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров се сретна со министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас, кој престојува во официјална посета на земјава.

На средбата, како што информираат од МНР, биле разменети мислења за билатералната соработка, со посебен осврт на политичките односи и економските активности, како и за европската перспектива на Северна Македонија и регионот. Исто така, биле разгледани и можностите за зајакнување на секторската соработка, економската размена и инвестиции.

„Посетата на МНР Дендиас доаѓа во вистинско време и е сигнал на новата ера во нашите односи и импулс за ослободениот потенцијал за збогатена билатерална соработка. Ние сме природни сојузници кои ќе негуваат и стратешко партнерство, како во НАТО, така и во ЕУ“ изјави Димитров.

Од грчка страна беше реафирмирана континуираната поддршка за европската перспектива на Северна Македонија и регионот, Грција ќе продолжи да биде наш силен поддржувач и промотор за отпочнување пристапни преговори за членство во ЕУ.

На разговорите беа разгледани модалитетите и можностите за унапредување на политичкиот дијалог, како и ангажманот на двете држави во имплементацијата на обврските од Преспанскиот договор. Беше нагласена потребата од почитување на духот и словото на Договорот, и притоа беше истакнато дека суштинската и навремена имплементација на преземените обврски е од клучно значење и за развојот на севкупните односи помеѓу двете земји.



Спонзорирани линкови

Маркетинг