Фантомите од Пустец биле фотографирани во мобилни станици за лица со попреченост и со ментални проблеми

Макфакс

26/11/2019

13:17

1.610

Големина на фонт

а а а

Дитурим Сулејмани, вработен во управното одделение на Полициската станица Ресен, во сведочењето за предметот „Титаник“ на СЈО рече дека во периодот меѓу октомври 2012 и април 2013 година биле фотографирани лица од Албанија за добивање лични карти во мобилна базна станица на МВР, која се користела само за фотографирање лица со попреченост или со ментални проблеми.

„Беше тоа мобилна базна станица за сликање инвалиди, ментално болни лица. Беше организирано за да се сликаат во Ресен како најблизок град и беше дозволено да се сликаат во мобилна станица во Ресен, а не во Скопје. Едмонд Темелко до нашето Министерство имаше пуштено списоци“, сведочеше Сулејмани и рече дека тоа, според него, било противзаконски бидејќи мобилните станици се користеле само во исклучителни случаи.

Претходно, Сулејмани сведочеше дека реагирал веднаш кога дознал дека со некомплетна документација се бара фотографирање на овие лица.

„Од 40 до 50 души имаа направено договор со еден сопственик. Реков палата да е, нема таму услови за живеење“, рече сведокот. Сите биле сликани без соодветната комплетна документација, а како што рече, така му било кажано од горе.

Обвинетите и нивните бранители го прашаа обвинетиот дали знае пропис или закон со кој е забрането да се сликаат овие лица во мобилните станици и за други случаи, освен за болни луѓе. Сведокот рече дека не знае да посочи пропис или закон каде што пишува за што се користат мобилните станици.

Во предметот „Титаник“ на СЈО, кој е во доказна постапка, покрај експремиерот Никола Груевски, за серија кривични дела поврзани со изборен криминал обвинети се ексзаменичката за правда, Билјана Бришкоска-Бошковски, ексшефот на кабинетот на Груевски, Мартин Протоѓер, пратеникот Илија Димовски.

Oбвинети се и поранешните министри Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска, ексградоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко, поранешниот генерален секретар на владата, Кирил Божиновски, двајца од Агенцијата за разузнавање: Киро Тодоровски и Мунир Пепиќ, како и уште 11 други обвинети, вработени и членови на ВМРО-ДПМНЕ.

Никола Груевски, Мартин Протоѓер, Илија Димовски и Леко Ристовски ќе треба солидарно да ѝ вратат на државата 2,2 милиона евра доколку Кривичниот суд ги осуди за виновни во предметот „Титаник“.



Спонзорирани линкови

Маркетинг