Вучиќ до Пендаровски: Што ќе ти е превод кога сè разбираш, мене не ми треба за македонски

Точка

22/11/2019

13:41

9.995

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Македонија, Стево Пендаровски денес е во официјална посета во соседна Србија.

Пендаровски оствари средба со својот српски колега Александар Вучиќ, а двајцата претседатели одржаа и заедничка прес-конференција.

Пред почетокот на прес-конферецијата, македонскиот претседател побара слушалки за превод, на што Вучиќ се пошегува: „Стево, што ќе ти е превод кога сè разбираш, мене не ми треба за македонски“.

Претседателот Пендаровски нагласи дека односите помеѓу Македонија и Србија се одлични и без спорни точки, а неговата посета на Белград е уште една потврда за добрососедските односи и разбирањето меѓу двете земји.

„Нашите земји и народи ги поврзува долга историска и културна традиција, а ја споделуваме и визијата за заедничка иднина во големото европско семејство. Оттука, контактите на највисоко ниво меѓу нашите две земји имаат посебно значење и даваат силен сигнал и за понатамошен развој на пријателството и соработката на сите други нивоа“, рече Пендаровски.

Пендаровски додаде со Вучиќ разговарале и за француската иницијатива за нова променета методологија во водењето на претпристапните преговори со ЕУ.

„Јас уште еднаш го истакнав ставот на мојата држава дека за нас не постои друга одржлива алтернатива, освен полноправно членство во Унијата на крајот од овој процес. Европската интеграција на Северна Македонија останува долгорочна определба, мотивација за трансформација на општеството и имплементирање на највисоките европски стандарди. Во овој контекст ме радува фактот што и од Скопје и од Белград упатуваме јасни пораки дека Европската Унија не треба да заборави на западниот Балкан, за кој перспективата за членство во ЕУ е единствена гаранција за стабилност, сигурност и просперитет и всушност е единствена одржлива опција. Европската интеграција на регионот е најдобриот начин што ќе овозможи демократска трансформација на нашите општества, просперитет и зајакната регионална соработка“, изјави македонскиот претседател.



Спонзорирани линкови

Маркетинг