Мала, но прилично одлучна група на демонстранти и денес се наоѓа во кампусот на Политехничкиот универзитет во Хонгконг.
Најмалку десетина демонстранти кои веќе со денови се под опсада на полицијата и натаму не се предаваат, стравувајќи дека веднаш ќе бидат уапсени. Околу илјада демонстранти во изминатите неколку дена се предадоа или беа сопрени додека се обидуваа да побегнат.
Најголемата прокинеска партија во Хонгконг - Демократскиот сојуз за напредок на Хонгконг, ги повика околу 4,1 милион гласачи да ги употребат гласачките кутии за да ја отфрлат „црната сила“ која полуавтономниот кинески регион го втурна во немири од јуни.
„Црната сила вели дека сака да се бори за слобода, но сега луѓето не можат ниту слободно да ги изразуваат своите ставови. Дури ни е одземено и правото да одиме на училиште и да работиме“, изјави Стери Ли која ја предводи партијата.
Демонстрантите кои сметаат дека Кина ја зголемува контролата над Хонгконг, бараат спроведување на целосно демократски избори и независна истрага за полициската бруталност кон демонстрантите.
Од владата од каде што беа отфрлени барањата, предупредија дека изборите би можеле да бидат одложени доколку продолжат насилствата и блокадата на сообраќајот.
Инаку, повеќе од 5 илјади лица се уапсени од јуни кога започнаа протестите во Хонгконг околу сега отфрлениот закон за екстрадиција, кој предвидуваше испраќање на осомничените во Кина каде што би им се судело.