Мажи, ова е вашиот ден – денеска се одбележува Меѓународниот ден на мажите

Супермен

19/11/2019

13:25

3.514

Големина на фонт

а а а

Иако секогаш им даваат предност на дамите, сепак денешниот ден е резервиран за мажите – и тоа на светско ниво.

Денеска се одбележува Меѓународниот ден на мажите кој веќе 20 години се прославува ширум светот, со цел да ги истакне позитивните машки примери и значајноста за грижата за машкото здравје кое често се занемарува. Исто така, овој ден се одбележува и за да се сврти вниманието кон фактот дека мажите имаат пократок животен век од жените и дека треба повеќе да се грижат за сопственото здравје. 

Меѓународниот ден на мажите се одбележува и со цел да ги подобри родовите односи, како и да промовира родова рамноправност.


Овој ден за првпат е одбележан на 19-ти ноември 1999 година во Тринидад и Тобаго, а денес се слави во над 60 држави ширум светот. За тоа е заслужен д-р Џером Тилаксинг од колеџот Вест Индис.

“Сфатив дека не постои ден посветен на мажите. Некои ќе кажат, па добро, постои ден на татковците, но тоа не е исто. Не сите мажи се татковци. Што е со младите момци и тинејџери?”, објаснил Тилаксинг.

Животот на мажите честопати се поврзува со физичките и психичките оптоварувања, поради што би морале да посветат поголемо внимание кон сопственото здравје.

Меѓународниот ден на мажите е прилика и да се истакнат нивните достигнувања и нивниот придонес за заедницата, семејството, бракот и работата. Исто така е прилика да се укаже на фактот дека многу мажи имале позитивно и ненасилно влијание врз околината низ различни примери, притоа нагласувајќи ја нивната позитивна улога во општеството.

Исто така, улогата на мажот како сојузник и партнер е многу значајна и во борбата против насилството над жените и девојките. Ако размислувате како да го одбележите вашиот ден, ние ви советуваме да го посветите на себеси и да направите нешто за себе.


Иако вашата партнерка веројатно ќе ве изненади, што секако ќе ви го разубави денот, ви предлагаме да го направите уште поубав така што од денеска ќе воведете некои промени и новости во својот живот кои позитивно би влијаеле на вашето здравје.

Поминете го денот, правејќи работи кои ве прават среќни. Променете ги вашите утрински навики и секојдневнието – оставете го телефонот на страна, пуштете ја вашата омилена песна, испијте кафе или некој друг пијалак, бидете сами со себе во позитивно расположение или едноставно бакнете ја и прегрнете ја вашата драга личност.

Не прескокнувајте го појадокот – тој е најважниот оброк во текот на денот. Потрудете се секој ден да појадувате, и тоа по можност здраво. Внесувајте намирници кои содржат протеини, цели житарки, овошје и зеленчук.

Бидете активни во текот на денот – физичката активност од 30 минути дневно го подобрува општото здравје, вклучувајќи го и здравјето на срцето. Тоа значи дека треба да пешачите што повеќе, да џогирате, да пливате или да се занимавате со некоја умерена физичка активност.

Доколку сте пушач, престанете да пушите цигари – цигарите се причинител за многу болести, вклучувајќи и висок крвен притисок, рак на белите дробови, а лоши се и за менталното здравје.

Мислете на себе и правете превентивни прегледи бидејќи статистиката вели дека жените живеат подолго од мажите, но и дека се поодговорни кога станува збор за здравјето.


Спонзорирани линкови

Маркетинг
назад до tocka.com.mk