Новата жртва, идентификувана како „Џејн До 15“, им открила на новинарите дека го трпела злобното долготрајно злоставување кога имала само 15 години.
Таа е последната од низата на жени кои го обвинија Џефри Епстајн за сексуално злоставување. Новото обвинување пристигнува додека траат контроверзиите околу британскиот принц Ендру кој бил близок пријател на милијардерот-педофил, но упорно тврди дека не знаел дека тој има односи со малолетни девојчиња.
Тој во неделата во интервјуто за „БиБиСи“ проговори за Епстајн и во врска со обвинувањата на Вирџинија Робертс која тврди дека имала секс со принцот во домот на Епстајн кога имала 17 години. Секако, принцот Ендру тоа категорично го отфрли.
„Џејн До 15“ која сега има 31 година, вчера одржа прес-конференција за новинарите во Лос Анџелес во присуство на адвокатката Глорија Алред. Таа го обвини Епстајн дека ја злоставувал на својот ранч во Ново Мексико кога имала само 15 години, откако претходно го запознала неговиот секретар на училишно патување во 2004-та година во Њујорк.
Според Џејн, секретарот ѝ рекол дека Епстајн сака да им помогне на девојките од сиромашните семејства. Со уште неколку млади девојки таа одлетала со неговиот приватен авион на ранчот во Ново Мексико.
Тврди дека Епстајн набрзо по средбата ја повикал да го измасира, а потоа сексуално ја злоставувал: „Епстајн ми ја одзеде невиноста“.
Џејн не го обвини британскиот принц Ендру за било каков сексуален напад, но го повика да открие повеќе информации: „Принцот Ендру и останатите кои беа блиски со Епстајн, треба да истапат и под заклетва да ги откријат сите информации кои што ги знаат“.