Заев до министерката Охисало: Негативниот сигнал од ЕУ влијае врз политичките случувања во земјава

Макфакс

18/11/2019

15:18

919

Големина на фонт

а а а

Премиерот Зоран Заев денеска се сретна со делегација од Финска предводена од министерката за внатрешни работи, Марија Охисало, која е во посета на нашата земја и учествува на дводневниот Министерски форум за правда и внатрешни работи ЕУ – Западен Балкан.

Заев на министерката Охисало и изрази благодарност за поддршката на Финска, која во моментов претседава со Европската Унија и напорите кои оваа скандинавска земја ги прави за Северна Македонија да добие датум за почеток на преговори.

„Владата е целосно посветена да ги иницира и практично ги спроведува сите процеси со цел воспоставување на владеењето на правото, демократијата, борбата против корупцијата и обезбедување стабилност и безбедност. Без почитување и применување на овие принципи е невозможно да се зборува за европска и евро-атлантска интеграција на нашата земја“, посочи премиерот подвлекувајќи дека реформите во земјата ќе продолжат и покрај тоа, како што рече, негативниот сигнал од ЕУ влијае врз внатрешните политички случувања во земјата и закажани се предвремени избори.

Како што информираат од владината прес-служба, на средбата станало збор и за новата методологија за преговори предложена од Франција, за која Северна Македонија е подготвена активно да се вклучи во нејзиното донесување за да се забрза остварувањето на единствената перспектива за земјата – членство во Европската Унија.



Спонзорирани линкови

Маркетинг