Австриската Служба за заштита на уставноста и борба против тероризмот (BVT) се наоѓа во длабока криза поради која ѝ се заканува раскинување на соработката со пријателските служби, предупредува виенски „Естерајх“, повикувајќи се на анализата на „Бернскиот клуб“.
Според извештајот на „Бернскиот клуб“, здружение на европските разузнавачки служби, наводно биле забележани бројни неправилности во работата на австриската разузнавачка служба “BVT”.
„Ако нашите колеги од цела Европа ја загубат довербата во нас, тогаш “BVT” ќе има сериозен проблем, а така и сите Австријци“, оценил неименуван инсајдер во врска со последиците од извештајот.
Тој укажал дека недовербата на странските служби во австриската може да доведе до големи проблеми. Австриската служба “BVT” реагирала премногу бавно, а исто така имало и обиди за криење на анализата.
„Ако “BVT” не добива предупредувања за терористичките напади од британски “MI5” или германски “BND”, тогаш би можело да дојде до напади во Австрија“, вели инсајдерот.
Извештајот на „Бернскиот клуб“ посебно ја критикувал сајбер безбедноста во “BVT”. Во извештајот било наведено дека хакери можат да упаднат во ИТ системите на “BVT”, со што би можеле да бидат загрозени тајните податоци на европските разузнавачки служби во рамките на системот „Посејдон“.
Покрај тоа, се критикува “BVT” поради користењето на руската анти-вирус програма од “Kaspersky”, која наводно им помагала на руските власти за шпионажа. Се критикува и тоа што вработените во “BVT” можеле да земат лични лаптопи и да ги поврзат со службената мрежа, со што се отвора простор за упад на хакери.
Самото седиште на “BVT” не било добро обезбедено, а разузнавачката служба не вршела надзор над вработените кои не морале да поднесат извештај каде патуваат, каква им е финансиската ситуација и што прават на социјалните мрежи. Во извештајот биле нагласени дури 156 проблематични точки поради кои “BVT” може да ја загрози соработката со пријателските западноевропски разузнавачки служби.