Русија конечно ќе им ги врати на Украинците трите запленети бродови

Точка

18/11/2019

09:19

1.484

Големина на фонт

а а а

Русија се очекува денес на Украина да ѝ ги врати трите запленети бродови, соопштија украинските медиуми во пресрет на посетата на германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас на Киев.

Германскиот министер ќе разговара во Киев за новите чекори кон решавањето на конфликтот помеѓу украинските власти и про-руските сепаратисти на истокот на Украина, соопшти украинскиот амбасадор во Германија, Андриј Мелник.

Руската армија ги заплеени трите бродови на украинската воена морнарица минатата година во големиот инцидент кај Керчкиот теснец помеѓу Азовското и Црното море, односно во близина на украинскиот полуостров Крим кој беше анектиран од Русија.

Бродовите наводно во текот на вчерашниот ден испловиле од неименувано пристаниште на Крим и на Украинците ќе им бидат предадени во неутрални води, пренесуваат украинските медиуми.

Русија на почетокот на септември ги пушти на слобода 24-те членови на екипажот на бродовите во рамките на размената на заробеници со Украина.

Инаку, меѓународната заедница во повеќе наврати побара од Москва на Украина да ѝ бидат вратени запленетите бродови.

На почетокот на декември, претседателите на Франција, Русија и Украина - Емануел Макрон, Володимир Зеленски и Владимир Путин, како и германската канцеларка Ангела Меркел, ќе се сретнат во Париз на самитот посветен на ситуацијата во Украина.

Русија од 2014-та година го припои полуостровот Крим, а во судирите помеѓу украинските сили и про-руските терористи во регионите Луганск и Доњецк на истокот на Украина, досега според проценките на Обединетите нации загинале 13 илјади луѓе.



Спонзорирани линкови

Маркетинг